„Македоника – Центар за историски студии ‘Наде Проева’“ успешно го реализира летниот камп по историја „Наде Проева“ именуван според името на една од најистакнатите македонски историчарки, универзитетски професор и научен истражувач, чиј богат научен опус и огромен придонес во проучувањето на античката историја, особено историјата на античка Македонија, претставуваат трајна инспирација за младите генерации.
„Македоника – Центар за историски студии ‘Наде Проева’“ го востанови летниот камп како траен спомен и продолжение на нејзината мисија – историјата да биде достапна, научно заснована и интересна за младите.
На кампот учествуваа средношколци од различни градови низ Македонија, кои во текот на петте дена имаа можност да стекнат нови знаења, да развиваат критичко размислување и аналитички способности, да научат како функционира историското истражување, да се запознаат со археологијата и културното наследство, како и да изградат нови пријателства со врсници кои ја споделуваат истата љубов кон историјата.


Главната цел на кампот беше да ја доближи историјата до младите преку современ и интерактивен пристап кон учењето, да ја поттикне љубопитноста и интересот за историската наука, да ги развие вештините за анализа и критичко толкување на историските извори, да ја поттикне културата на аргументирана дискусија и дебата, да ја афирмира важноста на македонското историско и културно наследство, да го поттикне интересот за археологијата и заштитата на културното наследство, како и да создаде простор каде младите ќе можат да учат, истражуваат, разменуваат идеи и да градат нови пријателства надвор од формалното образование.
Во текот на петдневната програма беа реализирани бројни предавања посветени на историјата како научна дисциплина, Античка Македонија, Филип II, Александар III Македонски, античките и средновековните градови во Македонија, населувањето на Словените, Самоиловата држава, историските извори и методологијата на историското истражување. Покрај теоретскиот дел, учесниците посетија значајни археолошки локалитети во Претор, каде непосредно се запознаа со богатото културно-историско наследство на Преспа.
