Испраќање локација, фотографии, видео и директна видео-врска со операторите на 112 . Ова ќе биде возможно преку новата апликација „Where Are You“, која наскоро ќе стане достапна за граѓаните. Во итните ситуации кога секоја секунда е важна оваа нова алатка ќе им овозможи на граѓаните побрза и попрецизна комуникација со службите за итни случаи. Особено ќе бидат корисни кога некое лице не знае точно каде се наоѓа кога е повредено и не може јасно да ја објасни состојбата.
-Наскоро граѓаните ќе можат да ја користат новата апликација „Where Are You“, која ќе овозможи побрза, побезбедна и попрецизна комуникација со службите за итни случаи преку системот 112. Новата апликација ќе им овозможи на корисниците директно да ја испратат својата точна локација од местото на настанот, како и фотографии и видеоснимки, со што службите ќе добијат подетални информации за ситуацијата и ќе можат побрзо и поефикасно да реагираат–истакна директорот на ЦУК Мухамед Али
Најзначајната новина е можноста за директна видео-комуникација со Оперативниот центар со која службите во реално време ќе добијат подобар увид во состојбата на терен и координирање на интервенцијата побрзо и поефикасно.

И жртвите на семејно насилство но и лицата кои се во опасност ќе можат да побараат помош на апликацијата „Silent Call“ која е дел од оваа новина. Со оваа опција тие ќе можат безбедно да побараат помош, без потреба да разговараат со оператор, што може да биде од клучно значење во ризични ситуации. Воведувањето на овие нови алатки велат од ЦУК се дел од процесот на модернизација на системот 112. Целта е поголема безбедност за граѓаните, попрецизно пренесување на информациите и поефикасна реакција на надлежните служби при итни случаи.
ЦУК на почетокот на месецов започна и пилот-проект за поставување интелигентни камери за рана детекција на пожари во неколку критични зони во државата, кои ќе бидат надгледувани 24 часа од Оперативниот центар. Проектот има за цел навремено откривање на шумските пожари, побрза реакција на надлежните служби и поефикасна координација при интервенциите.
