Во Собранието, денеска, се одржа средба на претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, и заменик-членот на Комисијата, Мартин Стојановски, со тимот експерти на ТАИЕКС-проектот, поддржан од Европската комисија, на тема „Заштитата на независноста на Народната банка во Македонија“.
Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, на средбата беше реализирана конструктивна и плодна дискусија за прашања поврзани со независноста на Народната банка, монетарната политика и специфичните надлежности и обврски на централната банка. Воедно, биле разгледани и прашања што се однесуваат на постапките за именување на гувернерот, вицегувернерите и членовите на Советот на Народната банка, како и извештаите на Народната банка и усогласеноста на националното законодавство со меѓународните стандарди и практики во областа на централното банкарство.

Претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, им се заблагодарила на експертите за размената на искуства и добрите практики, истакнувајќи дека ваквите средби придонесуваат за унапредување на законодавната рамка и за зајакнување на институционалната независност на Народната банка.

