Позитивната листа е проширена со три нови антикоагулантни лека – „еноксапарин“, „надропарин“ и „ривароксабан“, кои од 1 јули се достапни во аптеките во земјата. Кај „еноксапаринот“ се достапни два бренда, кај „надропаринот“ е достапен еден бренд и кај „ривароксабанот“ во почетниот период ќе биде достапен еден бренд. Тоа ќе значи заштеда на граѓаните и олеснет пристап – истакна денеска на прес-конференција во Владата генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Посочи дека два антикоагулантни први биле достапни со рефундација, а од сега па натаму ќе бидат достапни на позитивната листа со рецепт.
– Двата антикоагуланти се во рангот од 1.100 до 2.700 денари, ценовен ранг во зависност од дозата и големината на терапијата. Сега ќе биде достапна за партиципација од 160 до 240 денари и еден од брендовите ќе биде достапен без доплата. Значи, едниот бренд ќе биде без доплата, вториот ќе биде со доплата, меѓутоа осигурениците имаат можност да изберат и има лек без доплата. Ова ќе значи дека овој лек ќе биде достапен само за партиципација со 100 од 160 до 240 денари во зависност од дозата на лекот. Овде ќе има повеќе коментари за овие два лека бидејќи преминувањето рефундација во позитивна листа предизвикува неколку промени – рече Клековски.

Третиот антикоагулант „ривароксабанот“, како што појасни, првпат е на позитивната листа и досега се движеше во рангот од 2.000 до 2.200 денари, а сега ќе биде достапен за партиципација од 160 денари.
– Во почетниот период ќе има доплата од 105 до 505 денари во зависност од дозата и бројот на таблети. Во најчесто користената доза тоа се 10 милиграма по 30 таблети, заштедата на граѓаните ќе биде 1.752 денари. Од 1 јануари 2027 година овој лек ќе биде достапен без доплата, само со партиципација. Во основа, она што го постигнуваме не е само намалување на цената за осигурениците за граѓаните, кажав веќе дека кај последниот антикоагулант заштедата на најчесто користеното пакување ќе биде 1.700 денари, туку обезбедуваме и намалување на цените. Значи, референтната цена на лековите ќе биде значително намалена. Во еден случај ќе биде намалена за 50 проценти, што значи дека ќе имаме не само намалена цена за пациентите туку ќе имаме намалена цена и за Фондот – потенцира Клековски.
Тој истакна дека со тоа почнуваат со две поставки – прво, тоа е вклучување скапи лекови по дефиниција на Фондот, значи лекови што чинат од 2.000 до 3.000 денари во месечни дози, сега може да варираат повеќе или помалку, и означуваат дека во натамошните чекори ќе се стремат да вклучат вакви ваков тип на лекови затоа што ова се лековите што претставуваат значителен товар за граѓаните.
– Повеќепати имаме дискутирано, едно е ако месечните дози на лекот се 100, 200, 300 денари, а друго кога се 2.000-3.000 денари на еден лек, а тие обично не одат сами кај хроничните болни и неколку од овие нив знаат да бидат препишани во комбинација. Првпат го користиме вклучувањето на позитивната листа за намалување на цените. Значи, имате две можности – да бидете на слободен пазар, на приватен пазар и цената се формира по едни други механизми. Со вклучувањето на позитивната листа цената се формира со системот на референтни цени. Значи, се земаат цените од Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија и Грција во одредени случаи, кои се референтните земји за Македонија, и во согласност со тоа одредуваме референтна цена – рече Клековски.
Појасни дека преку процес на дијалог со фармацевтските куќи бараат вклучувањата да бидат без доплата и да одат каскадно кон намалување на цената, да бидат во одреден период без доплата. Само во случајот на „ривароксабанот“, од претходната цена до онаа на крајот на годината, нагласи, ќе имаме повеќе од 50 отсто намалување на цената што Фондот ја плаќа надвор од тоа што пациентот го плаќа како партиципација.
– На овој начин сметаме дека ќе се раздвижи пазарот на лекови и ќе влијаеме да почнат да се намалуваат цените на лековите достапни во Македонија. Нема да биде едноставно бидејќи ова ќе значи намалување на маржите на фармацевтските куќи и на аптеките бидејќи поинаку се формираат и цените и маржите кога се на слободен пазар, кога се на позитивна листа, меѓутоа посветени сме во овие чекори да продолжиме понатаму. Aптеките се информирани, матичните лекари се информирани и во основа сметавме дека помина доволен период лековите да ги има во аптеките, матичните лекари да почнат со препишување – рече Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на достапноста во аптеките, тој нагласи дека им дале време на аптеките да се приспособат, сите аптеки и сите матични лекари се известени и треба да постапат во согласност со правилата. Секоја аптека мора да ги има лековите што се на позитивната листа и што се издаваат на рецепт – истакна Клековски и ги повика граѓаните да пријават во Фондот, преку инфо-имејлот или формуларот за информации, доколку некоја аптека одбие да издаде лек на рецепт.
– Секој лек што е на позитивната листа мора да се издава на рецепт. Од разговорите со фармацевтските компании имам информација дека во некои аптеки не се нарачани доволни количини. Очекувам во наредните денови снабдувањето да се стабилизира, особено во помалите градови. Аптеките првин ги снабдуваат поголемите, централни аптеки, а потоа дистрибуцијата продолжува и кон помалите. Меѓутоа, пациентите не смее да бидат вратени доколку имаат рецепт. За сите овие лекови рецептот го издава лекар специјалист. Тоа може да биде гинеколог или друг специјалист, во зависност од индикацијата. Потоа лекот може да го препишува и матичниот лекар, без ограничувања, сè додека се почитуваат индикациите и условите што се утврдени – истакна Клековски одговарајќи на новинарско прашање.
Значи, појасни тој, секој пациент на кој лекот првично му бил препишан од гинеколог или друг специјалист, а има соодветна индикација, ќе може да продолжи со терапијата и понатаму. Потенцира дека не очекува да има какви било проблеми во однос на достапноста ниту, пак, во однос на загриженоста на пациентките кои се бремени и на нивниот пристап до лекот и не очекува поголеми проблеми во тој дел.
– Поради инерцијата на аптеките во врска со издавањето на лековите на рецепт, за антикоагулантите ќе обезбедиме период од 15 дена во кој ќе признаваме рефундации. Значи, од 1 до 15 јули ќе прифаќаме рефундации за да надоместиме за инертноста на аптеките бидејќи не сакаме осигурениците, граѓаните, да бидат поставени во лоша позиција – додаде Клековски одговарајќи на новинарско прашање.
