Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата за ребалансот на буџетот. Седницата е закажана за 11.30 часот.
За ребалансот се поднесени 224 амандмани: 87 од ДУИ, 78 од СДСМ, 51 од Левицата и осум од „Вреди“. Во согласност со собранискиот Деловник, амадманската расправа може да трае најмногу десет работни дена, по што предлог-ребалансот ќе се најде на пленарна седница.
Во рамките на општиот претрес што почна на 3 јули, пратениците од власта и опозицијата ги спротивставија ставовите – според ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот има развојна компонента и предвидува нови, сериозни инвестиции во капитални инфраструктурни проекти, што ќе значи дополнителна екномска активност, нови работни места и подобар животен стандард, а според СДСМ, проекциите се нереални, несериозни и тешко остварливи, базирани на преоптимистички очекувања.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, кога го образложуваше ребалансот, истакна дека предвидените измени во буџетот не се резултат на недостиг на приходи или нарушена ликвидност, туку на потребата буџетските проекции да се усогласат со актуелните економски услови. Според неа, со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за редовна исплата на плати во секторите во кои има зголемување, за поддршка на земјоделството, социјалната заштита, општините и за интензивирање на капиталните инвестиции.
Со ребалансот вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари, што е зголемување за речиси 4,2 милијарди денари или 1,1 отсто во однос на иницијалниот буџет за 2026 година. Вкупните расходи, пак, се ревидираат на 425,2 милијарди денари. Обезбедени се дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат речиси 46 милијарди денари и се зголемуваат за приближно 5,8 милијарди денари, зголемување за 14,5 проценти. Во согласност со проекциите, годинава се очекува економски раст од 3,5 отсто, инфлација од 4,5 проценти и буџетски дефицит 4,1 отсто од БДП.
