Вака изгледа кафезот на белите волци сега. Багер и градежници работат на зајакнување на оградата. Во Градината влеговме како обични посетители со купен билет зашто официјално објаснување од раководството се уште нема.
Еден од вработените во неврзан разговор ни кажа дека ќе ја засилеле и струјата во електричната ограда.
Вработениот ни го раскажа целиот инцидент. Во саботата, во текот на ноќта волчица успеала да ископа дупка под оградата и заедно со двете мали волчиња да се протне и да излезе од кафезот.

Неколку часа шетале низ зоолошката и стигнале дури до кенгурите и ему птиците кои се наоѓаат речиси на другиот крај на градинта. Минале низ дино паркот, покрај шталите со коњи, живелиштата на бизони и нилскиот коњ.
Таму влегле во кафезот со австралиски животни кој и сега има дупки во оградата. Од вкупно четири кенгури, само еден преживеал, останатите три биле задавени, а останата е и само една ему птица со рани на нејзиното тело.
Вработениот ни кажа дека колегата што бил дежурен дури по неколку часа сфатил дека во зоолошката се случува вистински колеж. Дури утрото кога пристигнала првата смена волците биле фатени и вратени во нивниот кафез.
Од Зоолошката градина се уште молк. Ниту потврдуваат ниту демантираат што се случувало за време на викендот.
Невладините организации и здруженија веднаш реагираа. Од Анима Мунди бараат итна истрага, транспарентност и санкции за одговорните.
Пред два месеци скопската зоолошка градина одбележа 100 години постоење. Новата директорка тогаш кажа дека зоолошката ја затекнала во катастрофална состојба. Најави нови инвестиции и модернизација, со цел подобрување на условите, реновирање на старите живеалишта и враќање во Европската асоцијација на зоолошки градини. Во ЗОО има околу 500 животни од 100 видови.
