Македонија се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис дестинација, со стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, модерни индустриски и пристап до регионалните и европските пазари, посочи премиерот Христијан Мицкоски, при неговото обраќање на Бизнис форумот Македонија – Турција во Истанбул.
– Ја продолжуваме традицијата на организирање B2B настани и средби, односно тоа што го започнавме во Унгарија, го продолживме во Австрија и со хрватската бизнис-заедница во Охрид, сега го продолжуваме овде во Истанбул. Постои навистина голем интерес кај турските бизнисмени за инвестиции во Македонија, а она што ние ќе го правиме овие два дена во Истанбул е да ги презентираме можностите на македонската економија и сета поддршка што Владата ја обезбедува за привлекување странски директни инвестиции. Очекувам многу успешни состаноци и силни пораки да бидат испратени. Продолжуваме да информираме од нашата билатерална посета во Истанбул, Турција – изјави премиерот.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на Форумот оствари средби со турските министри за трговија и транспорт, Омер Болат односно Абдулкадир Уралоглу.

-Турција претставува еден од најзначајните економски и трговски партнери на Македонија, долгогодишните пријателски односи меѓу двете земји се темел врз кој успешно се развива и економската соработка. Во духот на ова партнерство, целта е односите да ги подигнеме на уште повисоко ниво, преку нови иницијативи и зголемена економска активност – истакна вицепремиерот Николоски.
Посебен фокус на средбата бил ставен на развој на инфраструктурата и регионалното поврзување, притоа вицепремиерот истакна дека во Македонија се реализира најобемниот инвестициски циклус во изградба и модернизација на целокупната инфраструктура и ги повика сите заинтересирани турски компании да земат учество на меѓународните повици.
-Голем број успешни турски компании веќе работат на македонскиот пазар и даваат значаен придонес во развојот на економијата, отворањето нови работни места и зголемувањето на конкурентноста. Токму ваквите позитивни искуства претставуваат дополнителен поттик за привлекување нови инвеститори – додаде Николоски.
На форумот се обрати и шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, упати порака дека економската дипломатија е јадрото на надворешната политика.
–Успешната дипломатија денес значи повеќе инвестиции, повеќе извоз, нови пазари и конкретни можности за компаниите и граѓаните. Владите ја создаваат рамката, институциите ги отвораат вратите, но компаниите се тие што создаваат вредност, работни места и резултати. Затоа е неопходно дополнително да ја зајакнеме директната соработка меѓу бизнис-заедниците и да поттикнеме нови партнерства во индустријата, ИКТ-секторот, логистиката, туризмот, агробизнисот, инфраструктурата и иновациите -изјави министерот.
Во владината делегација беа присутни и заменик-претседателот на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, како и директорот на Технолошко-индустриските развојни зони Гоце Димовски
Покрај високи владини претставници, на форумот се присутни и бројни стопанственици и инвеститори од двете земји, а фокусот е ставен на продлабочувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена, привлекување на нови инвестиции, унапредување на инфраструктурното поврзување, енергетската соработка и развојот на заеднички проекти од стратешко значење.
Срѓан Ивановиќ
