Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2026, кој традиционално се одржува во Берлин, Германија.
Од училиштето соопштуваат дека проектот „Нашето патување на Јупитер“ бил изготвен од учениците од 4а одделение и координиран од наставниците Ирена Грегориќ и Стефан Симовски.
– Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение годинава ја донесе деветчлено стручно жири составено од претставници на организаторот Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин, универзитетски професори (астрофизичари), наставници, германски владини претставници, германски парламентарци, медиумски работници и претставници на концернот Ербас – стои во соопштението.

Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузната конференција за образование и истражување на Германија, „Луфтханза техник“ АД и концернот ЕАДС, во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони „Ербас“.
