Со премиерата на претставата „Мачкина глава“, работена по текст на Венко Андоновски, а во режија на Дејан Пројковски, Македонскиот драмски театар ќе ја одбележи 80-годишнината од своето постоење. Оваа претстава е 461-та премиера на сцената на Драмски театар од неговото основање, а трета само во текот на оваа година.
Приказната на овој култен театар започнува на 21 април 1946 година, на сцената на тогашниот МНТ, кога била изведена куклената претстава „Силјан Штркот“, подготвена од Петре Прличко. Оваа претстава се смета за историскиот почеток на Драмски театар. Во своите рани години, театарот дејствувал како куклена секција во рамките на Македонскиот народен театар, постепено градејќи ја својата публика преку нови премиери секоја година.
Директорот на НУ Драмски театар – Скопје, Роберт Велјановски, истакна дека станува збор за значаен јубилеј не само за институцијата, туку и за македонската култура во целина.

„Огромен јубилеј, не само за Драмски театар, туку и за македонскиот театар воопшто. Драмски театар е најрелевантната македонска театарска куќа, докажано со освоени награди и признанија во поранешната федерација – освоено е сè што било можно“, изјави Велјановски.
Авторот на текстот, Венко Андоновски, посочи дека во претставата се обидел да воспостави дијалог со делото на Горан Стефановски.
„Се обидов, врз основа на нашиот голем гениј и претходник Горан Стефановски, да се прашам – кога тој денес би го пишувал ‘Диво месо’, дали тоа воопшто би било можно. Ги задржав основните драмски конфликти и направив една постмодерна рециклажа, но овде има и многу индивидуални содржини, затоа што светот многу се измени од времето кога беше создадено ‘Диво месо’“, рече Андоновски.
Режисерот Дејан Пројковски истакна дека Драмски театар има особено значење за неговата кариера, бидејќи токму таму ја поставил својата прва професионална претстава.
„Секое мое враќање во Драмски театар е како нова фаза во мојот режисерски развој. Тоа се секогаш важни претстави и значајни средби со актерите. Возбудата и честа да се работи тука се секогаш големи“, изјави Пројковски.
Одбележувањето на 80-годишнината од првата премиера е доказ за богатиот континуитет и постојаниот развој на Драмски театар – Скопје. Овој значаен јубилеј не претставува само навраќање кон традицијата, туку и потврда за современата мисија на театарот. Како жив организам што постојано се трансформира и создава, тој останува важна точка што инспирира нови генерации уметници и ја збогатува културната свест на публиката.
