Реклама
Македонија

Арсовска во улога на жртва, таа не била виновна за катастрофалната состојба во градот, туку советниците од ВМРО-ДПМНЕ

Скопје е валкан град без доволно автобуси, но градоначалничката обвинува за политичка…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Скопје е валкан град без доволно автобуси, но градоначалничката обвинува за политичка хајка оркестрирана од владејачката партија. Сите биле виновни за хаосот во Скопје, освен мајката на градот. Данела Арсовска прстот за лошата хигиена, отпадот и проблемите со јавниот превоз го впери во советниците на Град Скопје. Не и ги гласале плановите и програмите, а самата не можела да ги релизира. Сепак, не кажа зошто со овие ресурси градот не може редовно да го собира отпадот, а тревата да се коси на јавните површини кои сега се извор на зараза.

Иако таа најави дека во четврток ќе излезе со конкретен план за решавање на состојбите, пред новинарите не посочи ниту една идеја како ѓубрето поредовно ќе се чисти или пак како да се оспособат што е можно поголем број автобуси да возат кога ќе почне учебната година. Вели ако Владата го платела долгот од 8 милиони евра за бесплатен превоз на студентите, многу работи ќе се решела веднаш.

„Ако отпочневме пред 2 години, сега ќе имаше, сукцесивно како секоја останата нормална држава, со нормални политичари коишто работат за интересот на граѓаните, ние сега секоја година во изминатите две и пол, три години, ако набавуваме по 50 автобуси, ќе имавме 150 нови автобуси. За жал, не се одважија и на вчерашната седница кажаа пари нема, девастиран е буџетот и нема да гласаат за таква одлука. иако ние пак ќе ја предложиме. Нека не гласаат“ – вели Арсовска.

Реклама

Владата и Арсовска се согласија само во едно – вчерашната средба дефинитивно била фијаско. Додека министерот за локална самоуправа Златко Перински рече дека не е голем оптимист дека ќе се најде заедничко решение, Арсовска го обвини дека намерно излегол сам на прес конференција за да ги прикаже поинаку работите и за да добие политички поени. Таа имаше шанса, но вчера и покрај најавите не застана пред новинарите да зборува за исходот од состанокот.

Таа се пожали дека Владата не го прифатила нејзиниот предлог за формирање заедничко координативно тело за решавање на проблемите, ниту пак комисија за набавка на еко автобуси.

„Иако вчера презентиравме конкретен план, со конкретни мерки за состојбите, тие не го прифатија и побараа од нас нов план. Но, беа изненадени оти го прифативме и тоа. Вчерашниот состанок траеше околу еден час и ние ги презентиравме работите една по една, а тие ни ги одбиваа. Прифативме да направиме нов план и сега ќе видиме од кој обид ќе им се допадне планот“ – изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје.

Арсовска рече дека не планира да ја напушти функцијата, но и нема повторно да се кандидира за градоначалник. Засега не се знае како ќе функционираат јавните претпријатија ако и во четврток не помине планот за спас што таа треба да го презентира. ЗЕЛС веќе побара да и се одземат ингеренциите на Арсовска за „Комунална хигиена“ и за „Паркови и зеленило“ и да им се предадат на скопските градоначалници за градот да функционира нормално. Премиерот сепак одлучи да и даде разумен рок на градоначалниччката да ги поправи работите, во спротивно најави радикални чекори.