Пратениците денеска го изгласаа дневниот ред со четирите закони од областа на образованието и научноистражувачката дејност на 116. седница на Собранието.
По гласањето, претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја прекина седницата, а за нејзино продолжување најави дополнително известување.
На дневен ред на седницата се предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, по скратена постапка, и предлог-законите за обезбедување квалитет во високото образование и науката, за научноистражувачката дејност и за високото образование трите, во прво читање.

Пратеничката Даниела Христова, која е и една од предлагачите на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, ја образложи потребата од негово донесување по скрстена постапка појаснувајќи дека со предложените измени се дополнува условот за сместување и исхрана на студентите во државните студентски домови.
– Се дефинира старосната граница за прием во студентски дом и се доуредува постапката за изрекување воспитни мерки за оние студенти што нема да се придржуваат до куќниот ред на домот – информира Христова.
Измените, посочи, се со цел за поголема сигурност и безбедност на студентите во студентските домови, како и порамноправен третман за сите студенти при приемот и при изрекувањето на дисциплинските постапки. Предлог-законот, нагласи, не предизвикува финансиски последици врз буџетот на Република Македонија.

Не беше прифатен предлогот на пратеникот Сашко Јанчев на дневен ред да се стави предлог-закон за изменување на Законот за виното.
