Криминалитетот во државата е на најниско ниво во последните 20 години, а вкупниот криминалитет е намален за 30%, додека ефикасноста во откривањето на кривичните дела и нивните сторители е 69%, објави Министерството за внатрешни работи.
Од МВР информираат дека во борбата против организираниот криминал сузбиени се над 30 организирани криминални групи, а бројот на разбиени групи поврзани со корупција е зголемен за 50%. Во борбата против трговијата со дрога откриени се над 1.600 кривични дела, пријавени околу 1.900 сторители, запленети 6,2 тони наркотична дрога, спречени девет меѓународни транспорти на марихуана и кокаин, а заплените на кокаин се зголемени за повеќе од 300%.
Зад овие резултати, порача министерот Панче Тошковски, стои посветената работа на полициските службеници и одлучната борба за побезбедна Македонија.

– Најниско ниво на криминалитет во последните 20 години! За две години го намаливме вкупниот криминалитет за 30%, ја зголемивме ефикасноста во откривањето на кривичните дела и зададовме силен удар врз организираниот криминал, корупцијата и трговијата со дрога. Зад овие резултати стои посветената работа на полициските службеници и одлучната борба за побезбедна Македонија. Продолжуваме уште посилно, затоа што силна Македонија значи сигурни граѓани и силни институции – објави на Фејсбук Тошковски.
Имотниот криминал, информираат од МВР, е намален за повеќе од 30%, а разбојништвата и разбојничките кражби за над 40%, што значи поголема сигурност за секое семејство и секоја локална заедница.
– Ова не се само статистички показатели. Зад секоја бројка стои спречено кривично дело, разбиена криминална мрежа, спасен човечки живот, заштитен имот и поголема безбедност за граѓаните. Им благодарам на сите полициски службеници за нивната пожртвуваност, професионалност и посветеност. Ќе продолжиме уште поодлучно, затоа што силната држава се гради со силни институции, а безбедноста на граѓаните останува нашиот највисок приоритет – објави МВР.
