Она за што се школувала, својата креативност, но и желбата да си биде сама свој газда преку остварување на личните бизнис-идеи, за младата прилепчанка Милена Конеска-Милошеска, станува реалност. Таа е апликант за државната финансиска помош за отпочнување со свој бизнис преку мерката за самовработување од годинашниот Оперативен план. Нејзините очекувања се амбициозни, но, како што вели, сега и веќе реално остварливи.
„Првична идеа ми е отворање на Мултуфункционален едукативен центар каде што покрај едукативните вештини, ќе се развиваат и вештини за иднината. На овој начин го спојувам „ескејп рум“ како првичен стартап-проект, кој што ќе резултира со ангажирање на деца од 10-18 години за да можат да ја применат нивната стекната вештина – логичко знаење, математика и сите стекнати вештини во текот на учењето преку решавање на загатки каде што нема да имаат контакт со телефони, таблети, компјутери“, – објаснува Милена Конеска-Милошеска, апликант за оперативната мерка „самовработување“.
Според неа, средствата кои што ги доделува државата, за почеток – се доволни. Но, очекувањата и’ се, во иднина овој свој бизнис и самостојно да си го одржува и проширува, бидејќи, како што вели, почетниот капитал е најважниот чекор.
На речиси исто размислување е и младиот Николче Везенкоски од Кривогаштани, кој пак, веќе една година, благодарение токму на овие мерки, има свој успешен бизнис. Вели, добиените средства ги употребил за опремување на објектот согласно зацртаниот бизнис-план.

„Ние отворивме фаст-фуд. Конкретно, имаме западен стил на храна. Доста успешен бизнис. Задоволни сме од самиот проект…Би го препорачал овој проект- да се охрабрат младите да отвораат нови бизниси…Се исплати – добивме 20.000 евра, ние сме содружници“, – рече Николче Везенкоски, корисник на средства од Оперативниот план.
Како што објаснуваат овие двајца млади луѓе, во Македонија има можости за работа и за пристојна заработка за оние што сакаат да работат. Само потребна е малку поголема храброст, и секако сериозна посветеност на она што се работи, по што резултатите стануваат неминовност.
Инаку, според надлежните, успешноста на овие мерки, на ниво на држава, се проценува на околу 80 проценти. Постојат бизниси кои опстојуваат веќе и по две децении и кои од обични работилници со еден-двајца вработени, сега се прераснати во мали компании кои вработуваат и до 50 луѓе, уверуваат од Агенцијата за иновации – ИНОВА.
