Европската комисија одобри 46 нови стратешки проекти во 16 земји членки, за кои се потребни инвестиции од околу 21 милијарда евра. Целта е Европа да обезбеди сопствено производство и преработка на суровини неопходни за електричните автомобили, батериите, воената индустрија и современите технологии.
Проектите опфаќаат отворање рудници, изградба на фабрики за преработка на литиум, никел и ретки земни елементи, како и капацитети за рециклирање. Со ова, Брисел настојува да ја намали зависноста од кинеските добавувачи, кои имаат значајна улога во глобалното снабдување со овие материјали.
Од вкупно 46 проекти, осум се однесуваат на експлоатација на суровини, 11 на нивна преработка, 19 на рециклирање, а преостанатите осум комбинираат повеќе производствени процеси. Меѓу земјите во кои ќе се реализираат проектите се Германија, Франција, Италија, Грција, Финска, Шведска, Романија и Бугарија.

