Реклама

Мрачна реалност зад туристичкиот сјај – организиран криминал и експлоатација на деца преку питачење

Мицкоски за односите со Бугарија: Се радувам што дијалогот започна, очекувам да продолжи и да дојдеме до решение

Шокантните, искоцкани 1,6 милијарди евра го запалија алармот – мора итно да се спроведат на дело овие правила

Јасен фаворит во политичката трка: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со убедлива предност пред опозицијата

Срдечно и конструктивно, но само до тука: Средбата Муцунски- Петрова Чамова не донесе ништо, но добро е што почнува дијалогот

Опасноста од пожари сè уште е тука, апел до земјоделците да не ги палат стрништата

Владината потрошувачка кошница за август за 10.200 денари помала од синдикалната, клучните разлики се во методологијата

Наскоро нова авиолинија Скопје -Подгорица, Николоски договорил Македонија да се поврза и со пристаништето во Бар

Се одмотува клопчето за корупција во судството – Дали судиите и обвинителите меѓусебно си ги штитат грбовите?

Национален дата центар најверојатно ќе почне да се гради следната година

Над 60 уметници, бројни концерти ширум државата – Владата го презентираше деталниот извештај за потрошените пари за независноста

Пример за добро кризно менаџирање, експертската јавност за ребалансот на буџетот

Македонија

Потребни се општи и специјализирани советувалишта, во средината во која живееме менталното здравје е се уште табу тема, пораки од Трибина во Гевгелија

Во Гевгелија, со поширокиот регион е потребно да постои сеопфатно психолошко советувалиште,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Во Гевгелија, со поширокиот регион е потребно да постои сеопфатно психолошко советувалиште, отворено и достапно за сите, надвор од институциите, каде секој би можел да се обрати за психолошка помош. Средината во овој регион се уште го гледа менталното здравје и одењето на психолог или психотерапевт како табу тема. Паралелно со тоа, на јавна осуда од средината најмногу се изложени сите кои се во некој социјален ризик, како децата на разведени родители, самите разведени родители, а посебно доколку станува збор за жени, при што најголемата осуда најчесто ја доживуваат од сопствениот пол.

Од психолозите често се очекува да ги решат сите проблеми, а решавањето на проблемите, во случаи кога треба да се работи со деца, доаѓа само преку работа со родителите. На луѓето од оваа професија исто така им е потребна психолошка поддршка, што за жал, не ја добиваат како задолжителна помош во рамките на институциите во кои работат.

Ова се дел од забелешките и предизвиците со кои се соочуваат психолозите и психотерапевтите од гевгелискиот регион, кон кој за стручна психолошка помош, поради недостиг од институции, се упатени и жителите од трите околни општини – Богданци, Валандово и Дојран.

Реклама

Предизвиците со кои се соочуваат психолозите беа дискутирани на синоќешната јавна трибина која се одржа во Домот на културата „Македонија“ во  Гевгелија, во рамки на годинашната тема на Светската здравствена организација “Да се слушнеме: од вистински гласови до вистинска промена”.

Трибината во организација на Комората на психолози на Македонија ја водеше Розита Андонова, магистер по психолошки науки, клинички советодавна психологија, психотерапевт и психодрама психотерапевт, како и судски вештак, а моментално вработена во Општата болница со проширена дејност во Гевгелија.

Работата на психолозите во денешно време, особено на оние во основните училишта, многу се разликува од времето во кое се растени дел од родителите на самите деца, а се разликуваат и мерките со кои може да се влијае на однесувањето на децата, истакнаа училишните психолози присутни на дебатата.

– Работа на стручната служба е да го држи училиштето во една позитивна клима. Кај мене децата не доаѓаат поради казна, ако направиле нешто прво одат кај педагог, но ако се забележи проблем во нивното однесување, тогаш ме повикуваат и мене. Педагошки казни веќе не влијаат кај децата. Некогаш најголема казна беше ако детето го повтори одделението. Но, не им влијае тоа повеќе, тоа се моите согледувања. Казната така дадена можеби повеќе ќе влијае на родителот којшто треба да ја потпише, отколку на самото дете – смета Невена Петрушева, психолог во ОУ “Петар Мусев” во Богданци, со 32 годишно искуство како училишен психолог од кои 21 година истовремено ангажирана како психолог во три училишта.


Родителите многу често очекуваат премногу кога ќе дојдат кај психолог, а ние немаме магично стапче за да ги решиме проблемите, за кои клучно е семејството и средината во која детето живее, сметаат училишните психолози. 

-Дел од родителите многу често очекуваат премногу кога ќе дојдат кај психологот. Секогаш кажувам дека што и да се прави во училиштето, доколку стручното лице работи, разговара со детето и слично, не може да има резултат, ако дома тоа дете се враќа повторно во иста средина. Само со децата, а без родителите, ние не можеме да постигнеме многу. Значи очекувањата на родителите се некогаш нереални или настапуваат на начин – еве имате одврзани раце и што сакате правете со него  – вели Ивана Алчинова, психолог во ОУ “Владо Кантарџиев” во Гевгелија, која 13 години работи во образованието како психолог.

Со сличен проблем се соочува и психологот Петрушева, која исто така вели дека честопати се наоѓа во ситуации каде од неа се очекува нешто што не може да го постигне само стручната фела од нејзината професија.

-Во последно време некои родители мислат дека можат со пари да купат се, и да се најдат во ситуација ако нивното дете има одредени проблеми во училиште да си даваат ексклузивно право и да кажат: Колку пари треба да платам само да се реши проблемот? Дури ми предлагале и ако сакам да работам за пари со нивното дете по работното време. Но забораваат дека децата само реагираат соодветно на несоодветната ситуација во семејството. Немаме ние волшебно стапче. За поддршка на секое дете неопходно е, пред се, семејството, па дури и поширокото семејство, и да нема различни третмани на детето од двајцата родители – истакнува Петрушева.

Во Центарот за социјални работи во Гевгелија, исто така, е присутен моментот на преголеми очекувања од страна на клиентите со кои работиме, вели Сашка Карајанова, дипломиран психолог која работи во Центарот, со специјалност во семејно насилство, која се стекнала со многу обуки за работа со жртви на семејно насилство, жени жртви и деца жртви, како и со сертификат за менаџирање со стрес.

– Работиме со многу категории меѓу кои се деликвенција, семејно насилство, нарушени семејни односи, бракоразводи, старателство, лица со посебни потреби. Соработуваме со скоро сите институции, најчесто со полицијата. Кога се соочуваме со многу осетливи категории, со доверување на деца, обично имаме две завојувани страни кај родителите и ние сме помеѓу, во средината и секогаш родителите имаат чувство дека се завзема страна, иако не е така.  Можеме само да ги насочиме луѓето, да им дадеме поддршка, нашата работа е советодавна, а не можеме да им кажеме како да си го живеат животот, тоа не е наша работа. Кога доаѓаат кај нас, обично тоа го прават кога веќе ги исцрпиле сите можности за сами да го надминат проблемот со кој долго време се справувале, но не успеале да го решат, вели Карајанова.

Според неа, како вработени во оваа институција тие се свесни дека никој не доаѓа кај нив затоа што сака, бидејќи никому не му е пријатно да говори за својата интима пред други лица.

– Ние сме свесни дека никој не сака да доаѓа кај нас бидејќи треба да ги споделува своите интимни проблеми, а свесни сме дека луѓето ни доаѓаат кога веќе нема излез. И никој не си заминува со убаво чувство од овде. Но сепак, нашата улога не е да дадеме готови решенија на луѓето. Во оваа средина во која живееме има многу предрасуди кон менталното здравје на луѓето и мислам дека треба да ги тргнеме тие табуа и треба отворено да разговараме за менталното здравје, да создадеме средина во која секој ќе може отворено да си каже за своите проблеми, потреби и стравови, без да биде осуден и без да биде прогласен за слабак. Мислам дека тоа повеќе во ова време им треба на младите, затоа што тие се во еден период кога се бараат, кога дел од нив се чувствуваат изгубено и не можат да се пронајдат, додека пак многу стари и повозрасни лица се чувствуваат осамено, дел од жените се жртви на насилство, но никој не се осудува тоа јавно да го каже, истакнува Карајанова.


Во однос на тоа дека често и во болницата каде што работи им се случува да им се обратат луѓе засегнати со одреден проблем кој не е во нивна ингеренција, Андонова од Општата болница во Гевгелија вели дека таква ситуација имаат кога се работи за врсничкото насилство. Но, сепак, зависно од ситуацијата, знаат да настапат и во ризични моменти, кога, на пример, им се обраќаат лица кои биле жртви на семејно насилство.

-Кога во болница ми доаѓаат деца кои биле жртви на семејно насилство, затоа што имам стручни компетенции како психотерапевт, и практичар на посебна метода за работа со трауми, не ги одбивам и додека сум на работно место во болницата тие имаат можност да добијат стручна и квалитетна психолошка и психотерапевтска помош, и покрај тоа што немаме специјализирано советувалиште. Разликата е во тоа што болницата е институција и лицата поинаку ја доживуваат, отколку во советувалиште. Болницата, сепак е место за лица кои се со хронични состојби, болести, и не е наша работа да работиме со жртви на семејно насилство – вели Андонова.

Токму работата со лицата жртви на семејно насилство уште повеќе го потенцира проблемот со немање посебно советувалиште во Гевгелија за работа со нив, како што нема ни посебен центар каде надвор од институциите, отворено и слободно може да се обрати кој било што има потреба од психолошка поддршка и разговор, смета Карајанова, давајќи го своето согледување, вели, како резултат на долгогодишното искуство во Центарот за социјални работи.

-Кога станува збор за грижа за менталното здравје, особено на децата присутни во средина на семејно насилство, на нив им следува бесплатна психолошка помош и работа со психотерапевт, меѓутоа тоа се прави во специјализирани советувалишта. Таму се работи со специјализирани техники за поддршка на жртвите и тоа бара подолгорочна работа во поинтимен простор. Такви специјализирани советувалишта има во Скопје, но за жал овде нема, ниту пак има слух да се отвори во нашата општина. Во секоја прилика апелирам за ова, дека треба да има таков простор во градот во кој секој ќе може во кој било момент да се обрати без да биде евидентиран и да побара стручна помош. Тоа место треба да биде посебно достапно за млади родители, за деца, а за жртви и сторители на семејно насилство потребни се специјализирани советувалишта. Затоа жртвите ги упатуваме во Скопје, но ретко кој се нафаќа да оди, поради работни обврски, финансии и слично – вели Карајанова.   

Работата со жртвите на семејно насилство бара специфичен пристап, смета таа, а, вели, честопати тие се најмногу осудувани од самата околина.

– Од работното искуство, многу е тешко и специфично да се работи со жртви на семејно насилство. Имав работено со жена која десет пати доаѓаше и пријавуваше насилство, но не сакаше ништо да се преземе. На крајот сфатив дека таа само бараше поддршка и помош додека да созрее подготвеноста кај неа да го преземе чекорот и да го пријави насилството што на крајот и го стори. Затоа не треба да ги осудуваме жртвите кои се враќаат кај сторителите, туку треба да ги разбереме и да им дадеме поддршка. Јас секогаш ги охрабрувам жените да ја напуштат насилната средина, меѓутоа не можеш ти да донесеш одлука наместо нив – истакнува Карајанова.

Според неа, осудувањето, особено во помалите средини е проблем кој се уште, за жал, вели, не е надминат.

-Во однос на осудувачката средина во која живееме може да се види дека децата на разведени родители се стигматизирани. Потоа има и неофицијално разведени родители, но се во нефункционални семејства, кои се уште потоксична средина за децата. Нашата средина е особено осудувачка за жените. Ако си жена и разведена, тешко тебе. Ако си маж и разведен, имаш повеќе партнерки, тогаш си фраер. Посебно жените се изложени на осуда, и што е најинтересно жените токму од жени, односно од својот пол, ја доживуваат најголемата осуда. Тоа се предрасуди, стереотипи кои се уште владеат во нашата средина, за жал – вели Карајанова.

На крајот од работниот ден, психолозите без оглед дали се во училишната институција, или се ангажирани во некоја друга установа, како и сите луѓе имаат потреба да се ослободат од стресот кој го примаат во текот на работните часови. Токму за овој проблем, присутните говорници на јавната дебата дадоа свои видувања, со кои потенцираа дека неретко и ним им е потребна психолошка помош и поддршка.

-Грижата за своето ментално здравје почнува рано наутро. Јас лично го почнувам мојот ден со првото утринско кафе и додека го пијам настојувам тоа да биде во мир и тишина бидејќи е единствен половина час кој го имам за себе пред да го почнам работниот ден. Исто така, по завршување на работното време одам на вежбање, значи користам физичка активност, каде го ослободувам мозокот од сите грижи, и сопствени и туѓи – посочи Димитар Чичанов, кој 13 години работи во Општата болница Гевгелија, а работел и во поранешниот Дневен центар за зависници од наркотични средства.

Психологот Петрушева потсети дека луѓето од нејзината професија кои имаат семејства, треба да се подготват кога се враќаат дома, за да не ги пренесат своите тешки работни искуства и во домашната средина.

Психологот Карајанова апелира на поголема поддршка од самите институции каде што се вработени психолозите, во однос на менталното здравје на своите вработени.

-Исто така многу е битна атмосферата во која работите и тимот со кој работите, и тоа е најважно за тоа колку ќе „прегорите“ на работното место. Барем во тој дел да можеме да бидеме свесни и да си даваме поддршка како колеги, за да не си ја отежнуваме и така тешката професија – смета Карајанова.

Во Црвениот крст на Гевгелија каде како психолог е ангажирана Анита Јованова, се водат според насоките дека грижата за себе не е себичност, туку неопходен дел од грижата за целокупното здравје на еден човек. 

Според училишниот психолог Алчинова, пак, треба да се истакне и посветлата страна на оваа професија.

-Едно задоволство од нашата работа, една позитивна страна наспроти негативниот дел е тоа што кога работиме како училишен психолог, ние сме присутни во средина каде што цело време гледаме детски и млади ликови. Што и да се случува, јас работата во училиште ја рангирам како позитивна и мотивирачка средина. Задоволството во нашата работа за мене е големо, бидејќи децата даваат посебна енергија – смета Алчинова и додава дека главната задача на психологот е да го научи детето да се справува со емоциите и да ги гледа со логичност и трезвеност, што ќе му помогне понатаму во животот да се изгради како стабилна и зрела личност.