Собранието се уште нема распишано оглас во Службен весник за избор на нов член на Државната изборна комисија. Местото на седмиот член и припаѓа на опозицијата, но ниту партиите се договориле кого ќе предложат ниту претседателот на Собранието до сега информирал кога планира да распише оглас во Печатот. Со заминувањето на Кренар Лога од Алијанса за Албанците, која од опозиција премина во власт, составот на ДИК е некомплетен, односно четири члена се од власта, а само двајца од опозицијата. Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, власта е виновна што упорно ја избегнува оваа тема и со тоа сака да предизвика уставно-политичка криза. Тој во емисијата „За или против“ објаснува дека мора што побрзо да се избере седмиот член бидејќи за неколку месеци ќе има избори. Доколку истите бидат двојни, тоа ќе биде уште поголема задача за ДИК, и новиот член мора да има доволно време да се подготви и да го мобилизира својот тим за организација на изборите.
Треба да разговараме и за една тема која власта упорно ја избегнува, а доколку не ја разреши таа тема изгледа како таа да ја увертира, во некоја подготовка за уставно политичка криза. Станува збор за составот на ДИК. Според Закон, има непарен број на членови, 7, 4 на власта, а 3 на опозицијата. Откако, членот на Алијанса за Албанците излезе, и се придружи на власта, сега имаме 4 од власта и 2 од опозицијата. Тоа не е законски, тоа е најава за политичка криза. Во моментов гледаме дека претседателот на Алијанса, тврдоглаво одбива да се испочитува Законот, во координација со Талат Џафери оваа точка упорно не ја ставаат на дневен ред. Тоа е законска обврска, и доколку не се испочитува, тоа е ризик да имаме избори со недоверба – вели Милошоски.
Според член 27 од Изборниот законик – процедурите се јасни.

Собранието го огласува изборот на претседателот, потпретседател и членовите на Државната изборна комисија во „Службен весник на Република Македонија” и во дневниот печат. Огласот трае осум дена од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.
По ова, Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието подготвува предлог на листа од пријавените кандидати и ја доставува до Собранието. По собраниската расправа, претседателот, потпретседателот и членовите на Државната изборна комисија се бираат со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ како опозициска партија има свој претатавник во ДИК, се очекува со свои претставници да излезат албанските опозициски партии.
Адријана Алексиеска
