Изложба на фотографии „Средновековен накит од Тиквеш” е отворена денеска во општинската установа, Дом на култура „Мирка Гинова” во Демир Капија.
Воведно обраќање и осврт кон изложбата имаше вишиот кустос археолог Цветанка Тодоровска Митрева.
– Оваа изложба претставува визуелен запис на една долга, возбудлива потрага по корените на луѓето кои од 10 до 15 век живееле, твореле и сонувале во плодната тиквешка долина. Преку изложените фотографии посетителите имаа можност одблизу да се запознаат со убавината на накитот, извонредната умешност на средновековните мајстори, естетските вредности и традициите на тоа време. Изложбата е круна на децениски труд на повеќе генерации во кој се вградени знаењата на целиот стручен тим – информираа од неготинскиот музеј.

Кустос археолог Стојанчо Атанасов, од Музеј на град Неготино, рече дека ова не е само обичен естетски приказ на средновековни украси. Ова е, додаде, визуелен запис на една долга, возбудлива и пред се длабоко хумана потрага по корените на луѓето кои пред повеќе векови живееле, твореле и сонувале на ова парче земја. Атанасов потсети дека Тиквеш е предел распослан долж плодната долина во која доминира моќниот Вардар. Тој Вардар со притоки од истокот и западот, низ вековите носел и буици и уништувања, но и живот и благодети. Во оваа специфична долина отсекогаш транзитирале и стоки, и трговци, и воини, и цели народи, култури, но и пустошења и благосостојби – од праисториските се до историските епохи.
– Оној кој во минатото можел да погледне „од горе“, од стрмните карпи на Железниот теснец, тој станувал господар на целата долина. Токму во средновековието, на овие карпи вишнеел тврдиот град Просек – најголемата тврдина на овие простори, која повремено била и престолнина на самостојни господари со сите нивни владетелски обележја. Сето ова бурно минато денес се потврдува со цврсти археолошки сведоштва, било да се тие резултат на случајни наоди или на систематски, заштитни и плански ископувања – подвлече Атанасов.
Тој рече дека нашата археологија навистина е благословена преку овие исклучителни наоѓалишта во Пепелиште, Тремник, Корешница, Бистренци, Челевец и Демир Капија да ѕирне во секојдневието, обичаите, верувањата, културата, па дури и во најдлабоките чувства на луѓето од овој простор во периодот од 10 до 15 век.
Карактеристично за публикуваниот материјал е тоа, што тој главно е откриен како гробен инвентар.
– Нашата цел беше со длабок пиетет, без каква било манипулација и пристрасност, да ги прикажеме сите аспекти на нивните верувања, чувства и начин на живот. На тој начин, правејќи ги на некој начин – бесмртни. Оваа изложба испраќа силна хумана порака. Таа ја врзува нашата сегашност со минатото, но ја трасира и иднината, чинејќи ја онаа најсилна, суштинска нишка на живеењето на овие простори – рече Атанасов.
Тој подвлече дека ова е круна на огромен труд кој трае со децении и во кој се вградени повеќе генерации дејци. Притоа упати благодарност до сите кои ја овозможија оваа изложба и се заблагодари и на демиркапискиот дом на култура. За финансиска поддршка, благодарност упати до Министерството за култура и туризам.
– Благодарност до проф. д-р Елица Манева, чиј научен дух и инспиративни зборови го осветлуваат патот на сите нас, нејзините некогашни студенти и денешни колеги. Со погледот кон овие
фотографии, може да се почувствуваат приказните врежани во секое парче средновековен накит и заеднички да се прослави вечноста на тиквешката културна ризница – рече Атанасов.
Изложбата за отворена ја прогласи директорот на ОУ Дом на култура „Мирка Гинова“ – Демир Капија, Горан Ѓорев.
