Реклама

Разговор со д-р Вело Марковски: Колку се опасни бактериите во загадената вода?

Состанок на Штабот за управување со кризи

30 парични казни и 12 забрани за работа по вондредните инспекции во гостиварско

Деновиве во Кореја се одлучува за статусот на Охрид во УНЕСКО

Мицкоски: Водата во Гостивар до крај на неделата ќе биде за техничка употреба

Словенечки модел за ставање крај на злоупотребите на боледувањата

Летнатите кровови отворија сомнежи – почнуваат проверки на градежните стандарди

Мицкоски: Размислуваме за повторно намалување на ДДВ од 18% на 10%

АХВ: Во Гостивар изречени 30 казни и затворени 11 нерегистрирани оператори

По Скопје, на удар на „совршената бура“ беше и југоисточниот дел: Настрадаа Штип, Свети Николе и Пробиштип

По хаваријата со водоводот: Владата ветува брзо решение за Гостивар

Однесено со ветрот: Ден по силната бура Скопје полека се опоравува, се санираат и бројат штетите

Македонија

Ристески: Има ли витамин Ц некаква улога во лекувањето на рак?

Милан Ристески, онколог во Клиничката болница Жан Митрев, денеска објави податоци од…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Милан Ристески, онколог во Клиничката болница Жан Митрев, денеска објави податоци од студија која покажала дека додавањето високи дози интравенски Витамин Ц кон постојниот протокол за лекување, го удвоила и вкупното преживување и времето до прогресија на болеста, а го подобрила и квалитетот на живот во случај на метастатски карцином на панкреас. Но, потенцира тој, високите дози потребни за вакви случаи мора да бидат од фармаколошкиот витамин Ц, бидејќи, како што нагласува, обичниот, оној што го има во ампули во аптеките, може да направи штета на крвните садови и бубрезите, и не треба да се употребува.

-После декади на неуспешни клинички студии, конечно, конечно, една моноинституционална фаза 2 студија на Центарот за рак при Ајова Карвер Колеџот, САД, објави важна, оптимистичка вест. Нивната студија на метастатски карцином на панкреас, покажа дека додавањето на високи дози интравенски Витамин Ц кон Гемцитабин + Наб-паклитаксел протоколот, го дуплираше и вкупното преживување и времето до прогресија на болеста, а и го  подобри и квалитетот на живот, пишува Ристески на својот фејсбук профил.

Во врска со тоа кои се тие високи дози на Витамин Ц и каков е тој фармаколошки Витамин Ц, дали е тоа истиот оној што го купуваме во аптека како ампула од 500 mg, Ристевски пишува оти станува збор за давање витамин Ц 3 x 75 g неделно, конкурентно со трите недели, односно Ден1, ден 8 и ден 15 од стандардниот Гемцитабин + Наб-паклитаксел протокол, следен со две недели пауза.

Реклама

-Која е разликата во оваа форма на Витамин Ц? Самата хемиска супстанца не е различна, но формата, пакувањето, неутрализацијата и безбедносниот профил се целосно различни. Обете форми (онаа класичната аптекарска која ја купувате и оваа од студијата) содржат L-аскорбат (Витамин Ц), но стандардните ампули од аптека не се погодни за високи онколошки дози, вели Ристески.

Разликите според него се во pH вредноста и осмоларност и подготовка.

-Во врска со pH-вредноста. Ампули од аптека: содржат чиста аскорбинска киселина која е високо кисела (pH 5.5 до 6.5). Внесувањето на масивни дози од оваа форма директно во вена предизвикува тешка иритација, болка и хемиско воспаление на вените (флебитис). Фармаколошки аскорбат: Онколошките протоколи користат натриум аскорбат — неутрализирана форма на Витамин Ц во вид на сол. Има неутрална pH вредност (околу 7.4), што овозможува безбедно примање на високи дози во крвотокот без оштетување на вените, нагласува Ристески.

Во врска со осмоларност и подготовка, пак, Ристески потенцира оти онколошкиот фармаколошки аскорбат прецизно се раствора во големи кеси за инфузија (стерилна вода или соодветен солен раствор) за да се одржи безбедна осмоларност на крвта, додека обичните ампули не се концентрирани за ваков тип на повеќечасовни инфузии.

-Бидејќи имам повеќе пациенти кои бараат големи дози, а немаме комерцијално достапен фармаколошки Витамин Ц, потенцирам дека ваквите дози на овој, аптекарскиот, знаат да направат штета на крвните садови и бубрезите, и не треба да се употребуваат, вели онкологот Ристески.

Студијата на која се повикува тој е : Redox Biol. . 2024 Nov:77:103375. doi:10.1016/j.redox.2024.103375. Epub 2024 Oct 2. A randomized trial of pharmacological ascorbate, gemcitabine, and nab-paclitaxel for metastatic pancreatic cancer, Kellie L Bodeker et all, PMID: 39369582, PMCID: PMC11491967, DOI: 10.1016/j.redox.2024.103375.