По кратко боледување, вечерва на една од скопските клиники почина македонскиот пејач и музичар Владо Јаневски, на 66-годишна возраст.
Со неговото заминување, македонската музичка сцена загуби еден од своите најпрепознатливи и најпочитувани уметници. Неговите безвременски хитови со децении ги освојуваа срцата на публиката, оставајќи длабока трага не само во Македонија, туку и низ целиот регион.
Владо Јаневски е роден на 27 ноември 1960 година во Скопје. Во текот на својата богата музичка кариера објави шест студиски албуми и создаде голем број незаборавни песни, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и некаде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.

Дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и литература. Во текот на кариерата беше член на музичките состави Тост сендвич, Бон Тон, Фотомодел и Ластовица, а свиреше и на клавир, гитара и тапани.
Настапуваше на бројни домашни и меѓународни фестивали, а во 1998 година ја претставуваше Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Бирмингем со песната „Не зори зоро“. Зад себе остави и настапи на фестивалите Југовизија, Славјански базар, Кавен, Памуккале, Каиро и многу други престижни музички манифестации.
Во својата дискографија ги остави албумите: „Парче душа“ (1993), „Сè најдобро“ (1996), „Далеку е небото“ (1996), „Има нешто посилно од сè“ (2002), „Ваков или таков“ (2004) и „Повторно се заљубувам во тебе“ (2006).
Неговите песни ќе продолжат да живеат, а неговото име засекогаш ќе остане дел од македонската музичка историја.
