500 нови работни места планира и отвора кочанската компанија „Амфенол“. Во присуство на претседателот на Владата, компанијата отвори нова хала, а дополнително се прави уште една – што ќе биде во работен процес веќе следната година. Тоа значи дека во првата фаза ќе се вработат 300, а веќе во втората уште околу 200 нови луѓе. Мицкоски гледа партнер во бизнис заедницата, а кочанската компанија ја издвои како додадена вредност во остварувањето на целта на владата: нови работни места и враќање дома на тие кои ја напуштиле Македонија.
“За време на посетата можевме да видиме сето она коешто тука се работи. Станува збор за исклучително висока технологија, со голема додадена вредност на производот, тоа што нас ни е важно, бидејќи додадената вредност практично влијае врз бруто домашниот производ. Од тоа што разговаравме со директорот, во новите две хали, зборувам за оваа којашто сега ја гледате позади нас, којашто е во фаза на изработка и таа што догодина ќе започне, ќе имаме исклучително висока технологија, којашто одговара на најсовремените технолошки процеси. Така што, јас сум навистина задоволен што можам да кажам дека како Влада поддржуваме директни инвестиции, домашни, странски инвестиции, не само преземајќи го институционалниот ризик, туку и финансиски” вели премиерот Христијан Мицкоски.
Директорот на „Амфенол“ нагласи дека за нив, како странска инвестиција, е многу важно што има разборање и соработка со надлежните- бидејќи за странско инвестирање на постојните и нови компании од надвор е исклучително важна стабилната бизнис клима.

„Амфенол“ во моментот има безмалку 3200 вработени, а со новите хали бројката ќе стигне до околу 3700. Американската корпорација се занимава со производство на кабли за автомобилската индустрија и антенски структури за базните станици.
