Реклама
Македонија

Започна полагањето на државната матура

Над 14.500 ученици денеска започнаа со полагањето на испитите кои за нив ќе значат билет за упис на посакуваните факултети. Во училниците на средните училишта, факултетите и амфитеатрите низ целата држава, матурантите ги решаваа првите тестови од државната матура. Надлежните велат дека организацијата е на високо ниво, а полагањето се одвива мирно и во најдобар […]

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Над 14.500 ученици денеска започнаа со полагањето на испитите кои за нив ќе значат билет за упис на посакуваните факултети. Во училниците на средните училишта, факултетите и амфитеатрите низ целата држава, матурантите ги решаваа првите тестови од државната матура. Надлежните велат дека организацијата е на високо ниво, а полагањето се одвива мирно и во најдобар ред. 

„Сè се одвива во најдобар ред и затоа сакам да им се заблагодарам и на Економскиот факултет, и на Државниот испитен центар, како и на директорката Даниела Јовческа-Михајловска, која втора година по ред успешно успева да ја спроведе оваа голема операција. Очекувам денот да заврши успешно и потоа на 11-ти и 12-ти кога ќе полагаат мајчин јазик исто така да помине сè во вака мирен и успешен ден. На учениците им посакувам успешно да ја положат матурата, да ја добијат заслужената оценка и се надевам дека дел од нив ќе го продолжат образованието на соодветните факултети, а дел ќе влезат на пазарот на трудот  “– вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Повеќе од 12 илјади полагаат државна матура, над две илјади државна стручна матура, додека помал број се определиле за државна уметничка матура. Од Државниот испитен центар велат дека можности за препишување нема.

Реклама

„Минатогодишното искуство покажа дека полагањето во голем простор вродува со плод, така што начинот на којшто се организира полагањето во големи простории каде што има поголем број ученици, за разлика од минатото кога имаше по 15 ученици во просторија, се покажа како успешен. Немаме појави на препишување, дофрлување и користење телефони во просториите за полагање. Се надевам дека и оваа година нема телефони во просториите. Тоа е обврска на училишната матурска комисија, на тестаторите кои се крајно одговорни, како и на набљудувачите кои се присутни за да го сведеме тоа не на минимум, туку на нула.“– вели директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска Михајловска.

Професорите очекуваат учениците успешно да ја положат државната матура, да продолжат на факултет и да ја градат својата иднина во Македонија.

„Бидејќи нашето средно училиште е економско и правен, очекувам од учениците да произлезе испешни адвокати, економисти, сметководители.. Да бидат во секој случај успешни луѓе кои ќе останат пред се во државава и ќе ја градат својата кариера во Република Македонија.“– вели директорот на СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ Александар Мијоски.

„Нас ни е чест да бидеме домаќини на еден ваков настан кој што е од огромно значење за државата. Им посакувам успех на сегашните средношколци, се надевам наши идни колеги, бруцоши. Факултетот е отворен како просторија така што навистина сметаме дека има добри услови и полагањето на државната матура може да се оствари во убава и релаксирана атмосфера.“– вели професорката од економскиот факултет Катерина Тошевска Трпчевска.

Според матурантите тестот бил полесен од очекуваното, тие одговориле на прашањата без никакои потешкотии.

„Супер ми помина државната матура, тестот беше лесен, немаше шанси за препишување бидејќи имаше многу тестатори внатре, но мислам дека не ни имаше потреба за препишување. Беше лесно не треба толку да се стресираат.“– велат матурантите.

Матурантите ќе полагаат и следните денови. Надлежните очекуваат целиот процес да заврши во фер и регуларна атмосфера. За илјадници ученици токму овие испити ќе бидат првиот чекор кон студентските клупи или пак пазарот на трудот.