Во текот на вчерашниот ден, во периодот од 08:00 до 13:00 часот, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на целата држава, насочена кон откривање и санкционирање на прекршоци што ги прават пешаците, како и прекршоци на возачите во однос на пешаците, при што биле констатирани и санкционирани 221 прекршок.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, од вкупниот број прекршоци, 147 биле за небезбедно преминување на пешаци на коловозот надвор од обележан пешачки премин, додека 25 возачи биле санкционирани поради непропуштање пешаци на обележан пешачки премин.
Дополнително, за време на контролата биле санкционирани и 179 возачи за други видови сообраќајни прекршоци.
Најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период.
Апелираат до пешаците да го преминуваат коловозот исклучиво на обележан пешачки премин, а до возачите да ја приспособат брзината на движење и да им овозможат непречено и безбедно преминување на пешаците.
– Безбедноста на пешаците е заедничка одговорност. Само со доследно почитување на сообраќајните правила и прописи од страна на сите учесници можеме да придонесеме за побезбедни патишта и намалување на бројот на сообраќајни незгоди – посочуваат од МВР.

