Фазно членство, забрзана интеграција, укинување на ветото за новите членки, финансиски санкции за новајлиите, нон-пејпери, нов застој од 5 земји членки за Црна Гора – во Брисел започнуваат подготовките за престојното окотмвриско заседание на Европскиот Совет, кое треба да даде одговори каков е планот на Европската унија околу проширувањето. Серијата состаноци започнува со денешната средба во Брисел на министрите за европски прашања на земјите членки, чии фокус треба да биде токму проширувањето. Средбата како да падна во сенка на информацијата дека 5 земји членки на унијата, Холандија, Хрватска, Естонија, Литванија и Латвија побарале пауза за процесот на пристапување на Црна Гора. Иако оваа информација беше демантирана директно од Европската комисија, таа сепак го отвори клучното прашање – дали земјите членки навистина сакаат проширување, или изразот нов моментум е само изговор дека нешто се прави.
Клучно е што ќе се случи со неформалниот германско-францускиот предлог односно нон-пејперот кој беше презентира н а самитот во Тиват со кој се предвидува фазно проширавање на Унијата. Двајцата клучни лидери Мерц и Макрон сакаат земјите аспиранти да се мотивираат до дополнителни пари, но и да добијат привилегиран пристап до пазарот на ЕУ, зачестени состаноци со Европската комисија и Парламентот, но сепак без право на глас.
Оваа опција меѓудругото, најверојатно ќе биде спакувана во куферчето на Фон дер Лајен чија балканска турнеја се очекува во следниот период, во која веројатно ќе ја посети и Македонија. Токму тие посети ќе бидат предвесник на она што ќе се случува на Советот во Брисел идниот месец.
Состанокот во Брисел е многу важен за Македонија, бидејќи ние сме меѓу четирите земји заедно со Албанија, Србија и Црна Гора за кои ќе се разговара за реформите за владеење на правото.
- „Денешниот состанок е важен за Македонија затоа што министрите за европски прашања директно ќе разговараат за состојбата со владеење на правото во четирите земји кандидатки. Значи, не сите држави од Западниот Балкан, туку Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија. Тоа покажува дека фундаменталните реформи остануваат во центарот на процесот на проширување. Е сега, за Македонија е особено важно да не ја сведуваме целата европска интеграција само на билатералниот спор и уставните измени, туку дека ЕУ паралелно го оценува судството, корупцијата, ааа, функционирањето на институциите и владеење на правото. Така да, денеска започнуваат и подготовките за октомврискиот, нели, Европски совет“ вели Димитар Николовски – Извршен директор на Евротинк.
Интересна иницијатива за Македонија останува и француско-германскиот нон-пејпер, што ќе донесе побрза и постепена интеграција пред полноправно членство, оценува Николовски од „Евротинг“.
- „Париз и, Париз и Берлин зборуваат за дополнителни стимули, подлабока интеграција, поефикасен процес, но врз основа на заслуги и Копенхашките критериуми, секако, не сме да се заборава. Значи, за Македонија тоа може да значи повеќе можности за интеграција во политики и структури на ЕУ уште пред членството, но не значи заопкружување на постојните услови за продолжување на преговорите. Значи, за жал, уставните измени се уште остануваат на маса“ вели Димитар Николовски –Извршен директор на „Евротинк“.
Паралелно, на маса Европската унија ги има и предлозите новите членки да се откажат од правото на вето, одлуките да се носат со квалификувано мнозинство наместо со консензус, но со вградена рачна сопирачка. Германските медиуми објавија дел од главните измени во нацрт законот за реформи, кој го подготвува еврокомесарката за проширување Марта Кос, кои предвидува и на членките да им бидат одбиени финансиски средства, ако назадуваат во областите на владеење на правото или ги загрозат интересите на Унијата.

