Општина Дојран продолжува со реализација на проекти кои носат конкретни придобивки за граѓаните, подобра инфраструктура и посветла иднина за градот и Дојранското Езеро. Во изминатата година се работи на неколку клучни проекти кои ќе го подобрат животот во Дојран. Се направи реконструкција на главните патни правци. Реконструирани се 2 километри од главниот регионален пат во Стар Дојран и 500 метри во Нов Дојран, со што се подобрува безбедноста и пристапноста за граѓаните и туристите, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Се подобрува водоснабдувањето, реконструирани се 750 метри од водоводната мрежа во Нов Дојран, а со навремено откривање и санирање на дефектите е постигната поголема сигурност во водоснабдувањето, особено во Стар Дојран и неговите повисоки делови во текот на летото.
Се стави во функција хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ кој е значаен чекор во насока на заштита на езерскиот екосистем и подобрување на условите за зачувување на природното богатство на Дојран.
Паралелно, општината инвестира во комуналната инфраструктура, јавната чистота, спортот, туризмот и поддршката на семејствата, со зголемена финансиска помош за првачињата и новороденчињата.
Дојран заслужува развој што се гледа, проекти што се чувствуваат и резултати што остануваат.
Со посветена работа и конкретни инвестиции, Општина Дојран продолжува да гради подобри услови за живот на граѓаните и да го развива градот како атрактивна туристичка дестинација.

