Промоција на романот „Три Марии“ од писателката Оливера Ќорвезироска ќе се одржи вечерва со почеток во 19 часот во фоајето на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Промотор на романот ќе биде Ермис Лафазановски, а извадоци од делото ќе читаат актерките Александра Михајловска Величковски и Нина Максимова. Настанот, како што информираа од НУЦК е дел од годишната литературна програма на Центарот за култура за 2026 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.Промоцијата е одлична можност за средба на публиката со современата македонска книжевност и афирмација на домашното литературно творештво.

Романот „Три Марии“ отвора теми поврзани со женските искуства, личните и колективните приказни, домот, идентитетот и семејството, преиспитувајќи ги начините на кои литературата ги обработува личните судбини и реалноста во која живееме. Делото доби три значајни книжевни признанија „Рациново признание“ за најуспешно книжевно дело, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобро прозно дело и наградата „Роман на годината“ за 2025 година, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Преку разговорот за романот и неговите книжевни слоеви, публиката ќе има можност поблиску да се запознае со творештвото на Оливера Ќорвезироска и со темите што ги отвора нејзиното наградувано дело.

