На депонијата „Краста“ поставени се нови камери за видео надзор и заштитни огради, а во наредниот период ќе бидат поставени и дополнителни заштитни капии и осветлување, информираа денеска, надлежните од ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово.

– Продолжуваме со активности за подобрување на безбедноста и контролата на градската депонија „Краста“. Поставени се нови камери за видео надзор и заштитни огради. Во наредниот период продолжуваме со поставување дополнителни заштитни капии и осветлување на депонијата. Целта е да се зголеми безбедноста, да се спречат несакани појави и неовластени влезови и да се обезбеди подобра контрола на просторот- изјави директорот на претпријатието, Сашо Томиќ.

Активностите се реализираат по проблемите со пожарот на депонијата, кој предизвика загриженост кај жителите на селото Пчиња поради чадот и загадувањет. Жителите го блокираа пристапот до депонијата и побараа преземање мерки за надминување на состојбата. По договорот со жителите, блокадата беше прекината, а започнаа активности за санација на депонијата. Подобрувањето на физичката заштита и надзорот, велат од „Чистота и Зеленило“, и жителите треба да придонесат за поголема контрола на депонијата.

