Тимот градежни вештаци, од Градежниот факултет при УКИМ, кои учествувале во изработката на градежното вештачење на Обвинителството, на денешното рочиште во судницата во „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, одговараа на прашања на Обвинителството за градежните зафати и материјали вградени во самиот објект, разликите во исполнување на минимално технички услови за добивање лиценца меѓу кабаре и ноќен клуб, за пријавите за проверка на овие услови во текот на годините, обврската и надлежностите за проверка…
Судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, кој во време на изработка на градежното вештачење бил декан на Градежниот факултет, одговарајќи на прашања, рече дека има три надворешни елементи што директно укажуваат на пренамена на објектот.
– Тоа се надворешните скали, натстрешникот над нив и информативната табла над влезот во клубот. Овде сакам да дополнам, во врска со таблата. Тоа е елемент што според Законот за градењето и правилникот е елемент за кој е потребно одобрение од Општината за негово поставување. Имајќи го ова предвид, секој што имал надлежност требало да реагира и само врз основа на овие надворешни елементи – изјави Марковски.
Прашан дали по сето кажано во вкрстеното испрашување останува на заклучокот дека преземените градежни зафати на објектот во 2012 година претставуваат реконструкција, сведокот рече – да.
– И 2012 и процесот продолжува 2024 година бидејќи нема правна завршница на она што е почнато 2012, а има и други зафати што се правени – изјави Марковски.
И самото поставување и отстранување на галериите, нагласи Марковски, влегува во елемент на реконструкција.
– И поставување и отстранување на галериите е реконструкција затоа што во Законот за градењето се дефинира дека штом се преземаат активности со кои се влијае на основните барања на градбата, станува збор за реконструкција – изјави Марковски.
Од фотодокументицијата Марковски рече дека се гледа оти постојат прописни струјомери на објектот и во согласност со тоа сметаат дека објектот бил поврзан според важечките законски прописи.
Во однос на сунѓерот и матерјалот што е вграден, сведокот рече дека, она што е најважно, е дека постои во правилникот за заштита од пожари оти во случај кога се користат спуштени тавани, не смее да се користат материјали што имаат праг на горење помал од 30 минути. Полиетиленскиот сунѓер, за жал, рече Марковски, тоа не го исполнува.
– Не се очекува од инвеститор да знае сè за градбата во која е решен да инвестира. Но, тој е должен да побара изработка на проект од стручни лица, кои треба да знаат кои материјали може да се користат во согласност со намената на објектот. За да се контролира знаењето на проектантите, предвидена е законска ревизија на проектот. Во однос на материјалите за градба, постои уште една контрола, се разбира, за оние што одат со постапка во согласност со законот, каде што тие документи одат на проверка во Дирекцијата за заштита и спасување. Потоа, следно е набавката на материјал, каде што мора да се почитува дали тој материјал ќе се вгради и ги исполнува условите, и тоа го потврдува градежниот инженер. Тоа е системот што треба да ни гарантира дека сè што ќе изведеме е во согласност со стандардите и прописите и не треба да се грижиме за безбедноста на оние што ги користат објектите – изјави Марковски.
Претходно, дел од одбраната побара денешната расправа да се одложи или да не се дозволи сослушување на вештото лице Викторија Димовска бидејќи во рок од три дена и писмено ќе достават барање за нејзино изземање по што судот донесе решение да се прекине распитот на ова вешто лице, а јавните обвинители да продожат со дополнителни директни прашања за другите вешти лица.
Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во изјава за медиумите на пауза од денешното рочиште регираа дека „одеднаш баналните детали станаа поважни од суштината“ и дека дојдовме до таму обвинети да си дозволуваат дофрлање кон вештаците токму во моментите кога тие, повикувајќи се на законските обврски и своите стручни наоди, образложуваат кои пропусти ги утврдиле.
– Адвокатите на обвинетите, пак, упорно се фаќаат за прашањата за лиценцата, па иако не сме правници, ќе им поставиме едно едноставно прашање: Пред да прашувате за лиценцата, одговорете на основното – како воопшто било дозволено тој објект 13 години да функционира како дискотека во салон за теписи? Токму тука почнува прашањето за институционалната одговорност – кој имал законска должност да постапи, што бил должен да направи, што направил или не направил и дали тие пропусти придонеле за условите во кои се случи трагедијата. Тука сме затоа што нашите деца не се вратија дома. Не дозволувајте споредното да ја засени одговорноста за смртта на нашите деца. Нашите деца не се спореден детаљ во овој процес, тие се причината поради која овој процес постои – изјави Александар Наунов.
Прашан за истекот на затворскиот притвор на првообвинетиот Дејан Јованов и дали стравуваат дека обвинетиот ќе биде обезбеден и ќе доаѓа редовно на судење како досега, Наунов рече тие веруваат во Обвинителството и во судот нагласувајќи дека тие знаат оти излегува на 3 октомври.
– Имаме доверба во нив, мислиме дека и до крај треба да имаме доверба во нив бидејќи тие се исто од наша страна. Не смееме постапката да ја одолжиме, како што гледаме. И уште еднаш ќе кажам дека имаме доверба во Обвинителството и во судот и мислам дека нашите деца заслужуваат правдата да испадне на виделина бидејќи цело Кочани е завиено во црно – изјави Наунов.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распит на вештите лица што го изработиле, заврши изведувањето докази од Обвинителството по што треба да почне со изведување докази на одбраната.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

