Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, Оливера Ливриниќ од СДСМ и Исамедин Азизи од ДУИ – ќе се соочат во недела во битката за Општина Бутел. Тројца кандидати, три различни приказни, три различни визии – една цела – подобра инфраструктура, почиста животна средина, социјална еднаквост и економски развој.
Нови градинки, училишта, спортско рекреативни центри, Дом на култура, нови капитални инвестиции, ветува актуелниот градоначалник кој ќе се бори са уште еден мандат. Според Дарко Костовски ќе има и зголемување на јавните зелени површини и урбано уредување – паркови, плоштади и трим патеки како места за рекреација и социјализација и развој на спортска инфраструктура.
Бутел почна суштински да се менува и да станува една од најубавите општини. Ги насочуваме средствата таму кај што треба – градинки, училишта, спорт. Успеавме да изградиме две градинки, училиште во Визбегово, парк во Радишани, корито и трим патека покрај Серава. 33 илјади м квадратни зеленило. „Со плоштадот оди и културен дом, место коешто му фали на општина Бутел, кое што ќе биде собирно место на територија на општина Бутел. Ќе изградиме три нови детски градинки, една во Радишани, една во Визбегово и една во Бутел 1. Сигурен сум дека ќе изградиме две нови училишта едно во Љубанци, едно во Љуботен. Еден нов парк во населеното место Радишани, околу 10.000м2 и во соработка со Градот Скопје ќе изградиме уште еден парк на Христијан Тодоровски Карпош, истакна кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Костовски.

Кандидатката на СДСМ, Оливера Ливриниќ ќе се фокусира на еднаков пристап до јавните услуги за сите граѓани. Во нејзината програма ветува создавање праведна, чиста и развиена општина Бутел, во која секој граѓанин ќе има еднаков пристап до јавните услуги. Во фокусот се човекот и семејството, со јасна посветеност кон решавање на инфраструктурните проблеми, поддршка за младите, семејствата и локалните бизниси, како и поттикнување на економскиот развој.
Решавање на проблемите со инфраструктурата, поддршка на младите, семејствата и локалните бизниси. Еден од најголемите приоритети ми е чиста животна средина и зелени површини. Финансиска поддршка за социјална еднаквост во оштината. Бесплатен престој во градинките кои се жители на Бутел. Бесплатен оброк за деца до 5то одделение. Финансиска поддршка за летување за децата од социјален ризик. Финансии за секое новороденче, стипендии за талентирани ученици и спортисти, за курсеви. Финансиска поддршка за младинско претприемништво, за велосипеди, тротинети, панели, инвертери, промена на кровните конструкции. 6000 денари за пензионерите со минимална пензија. Дом за култура во Бутел, стационар за кучиња, два центри за деца со попреченост, изјави Оливера Ливриниќ, кандидатка за градоначалник на Општина Бутел од СДСМ.
Кандидатот на коалицијата предводена од ДУИ, Исамедин Азизи смета дека во Бутел имало етничка дискриминација – тој ќе ја реформирал општинската администрација така што ќе ја одразувала реалната демографска слика. Ветува и поддршка за образованието, културата и спортот.
Ќе ставиме крај на етничката дискриминација. Општинската администрација ќе ја одразува реалната демографска слика. Ќе имаме целосна примена на двојазичноста, правична застапеност на сите етнички заедници. Во урбанизмот ќе гарантираме еднакво право за градба и развој. Градежни дозволи врз основа на закон. ДУП кој ги одразува реалните потреби на граѓаните. Во обрзованието и културата ќе ги поддржиме најдобрите учениц, ќе овозможиме чување на културата. Спортот и младите ќе ја добијат нашата поддршка, изјави кандидатот за градоначалник на Општина Бутел од ДУИ.
Без разлика кој кандидат ќе добие доверба, предизвикот останува ист – да се создаде поубава, поздравa и посолидарна општина за сите нејзини жители. Очекувано е дека изборот ќе го одреди патот на Бутел во наредните четири години, со посветеност кон подобрување на квалитетот на живот.
