Судскиот буџетски совет (СБС) на денешната 275. седница го усвои предлог-буџетот за разделот 29010 – судска власт за 2027 година, истовремено констатира дека во буџетот на судската власт за 2026 година нема обезбедени средства за исплата на додатоци на плата за судските службеници, судиите и членовите на Судскиот совет за август.
Како што стои во соопштението, усвоениот предлог-буџет за разделот 29010 – судска власт за 2027 година, составен од образложение на буџетски циркулар, годишен план за вработување за 2027 година во судовите, годишен план за вработување во Судскиот совет на РСМ за 2027 година, годишен план за вработување во Академијата за судии и јавни обвинители за 2027 година и стратешки план за периодот 2027 – 2031 година.
На седницата биле донесени и одлуки за необезбедување средства за исплата на августовските додатоци на плата за судските службеници, како и за судиите и членовите на Судскиот совет, поради недостиг на средства предвидени за оваа намена во годинешниот буџет.

Советот одлучи да обезбеди дополнителни 2,2 милиони денари за Основниот суд Гостивар по претходно доставено барање за дополнителни финансиски средства.
Членовите на СБС разгледале и барања од судовите за исплата на бонус-плата врз основа на оценување на судските службеници и се согласиле да се одобруваат средства за оваа намена за периодот 2023, 2024 и 2025 година по доставени барања од судовите.
Во однос на барањето на Основниот суд Куманово за исплата на регрес за годишен одмор за судиите, Советот заклучил дека во буџетот за 2026 година не се предвидени средства за оваа намена. Истовремено, од судовите ќе биде побарана информација за досегашните исплати по овој основ, за правосилните пресуди што чекаат реализација и за можните идни обврски, по што СБС ќе достави информација до Министерството за финансии и до Владата.
Под точката „Разно“, Советот ја разгледал и потребата од дополнителни средства за исплата на правосилни судски пресуди, пред сè, по барање на Основниот граѓански суд Скопје, како и на други буџетски корисници, кои немаат сопствени средства.
