Општина Струга на граѓаните им даде рок до 31 март да ја отстранат неконтролираната вегетација, трње и обраснати површини, кои го попречуваат движењето и го нарушуваат изгледот на јавниот простор.
Општинската прес-служба денеска соопшти дека акцијата се однесува на тротоари, улици и јавни површини, кои граничат со приватни имоти, а не се одржувани од страна на сопствениците.
– Ги повикуваме сите сопственици на земјиште, куќи и деловни објекти да извршат чистење и уредување на просторот околу своите имоти. Од 1 април, Јавното комунално претпријатие ќе пристапи кон чистење на необработените површини, а направените трошоци ќе бидат фактурирани на сопствениците, соопшти Општина Струга.

Комуналните инспектори, како што е наведено, ќе вршат теренски контроли и ќе постапуваат согласно законските надлежности.
