Реклама
Економија

ССМ на уште еден протест за 600 евра минимална плата

Не отстапуваме од нашите барања за минимална плата од 600 евра и…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Не отстапуваме од нашите барања за минимална плата од 600 евра и линеарно зголемување на сите плати по 6.000 денари, порачаа од Сојузот на синдикатите на Македонија. Со протестен марш од пред Сојузот на синдикатите, преку Собранието и Стопанската комора до Владата, тие ги потсетија сите дека опстојуваат на нивните барања и повторно порачаа дека ќе организираат генерален штрајк, кој очекуваат да биде помасовен.

Од денешниот протест порачаа дека сакаат во целост да се почитуваат колективните договори за плата во државните институции, која треба да биде повисока од досегашната што работниците ќе ја добијат во месец април. Владата претходно преку колективни договори ја утврди минималната плата по работник во речиси сите институции, а решението беше поддржано и од гранковните синдикати.

„Бараме почитување на колективните договори во секторот образование. Не затоа што ние сакаме, туку затоа што така вели законот. Бараме усогласување на минималната плата во секторот образование, бараме и достоинствено вреднување на трудот и на вработените во детската заштита“, рече Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат на образование и наука при ССМ“, изјави Томислав Гиевски, претседател на НСОН.

Реклама

Синдикалците им порачаа и на работодавачите дека без работници нема да има држава, но и дека нема да има бизнис. Тие отворено побараа почитување на работничките права и зголемување на платите, за младите да останат дома и да работат во домашни компании.

„Тука сме да покажеме дека нема да се откажеме од борбата за повисоки плати. Нема бегање од барањето за покачување на платите за младите да останат. Тоа е мотото кое нè води низ овие протести“, истакна Иван Пешевски од Комората на градежни работници при Сојузот на синдикатите на Македонија.

Претседателот на синдикатот Слободан Трендафилов порача дека тие не се плашат да излезат на протест. Заблагодари за масовноста и порача дека работничките права ќе се бараат на улица. Најави 24-часовен протест, но и нов протест за кој очекува да биде уште помасовен.

„Како Сојуз на синдикати нема да се откажеме од борбата. И еден работник да излезе на улица и да бара поголема плата, ќе бидеме со него. Нема да правиме кворум на седниците на Економско-социјалниот совет за мизерно усогласување на минималната плата. Нема да му наштетиме на работникот“, изјави првиот синдикалец Трендафилов.

Претходно, на седница на Економско-социјалниот совет беше утврдена новата минимална плата, која е повисока од претходната за 1.667 денари и изнесува 26.046 денари. Ова е најниската плата која ќе мора да ја исплатат работодавачите на работниците во април, за месец март.

Претходно, Владата неколку пати соопшти дека ги поддржува синдикалните барања. Оттаму велат дека се расположени и поддржуваат повисока плата за работниците, но тоа треба да се постигне преку дијалог меѓу работниците и сопствениците на компаниите. Владата ќе го поддржи секое решение што ќе го договорат двете страни, бидејќи, како што посочуваат, своите обврски веќе ги исполнила со зголемување на платите во администрацијата. Воедно, со синдикатите од владините институции се договорени и нови колективни договори кои гарантираат повисоки плати за административните работници.