Македонија го ратификува протоколот за електронски товарен лист (e-CMR) и тој формално е дел од домашниот правен систем, но камионите сè уште носат купишта хартија. За само една пратка се печатат дури седум примероци од документот, речиси осум од десет компании чекаат повеќе од 15 дена за наплата на своите побарувања зашто хартиениот документ доцни со физичкото враќање, а три од четири компании стравуваат дека, доколку целосно не биде имплементиран e-CMR во рок од две години, превозниците ќе бидат исклучени од европските логистички синџири – беше речено на денешната тркалезна маса „Кон транспорт без хартија и без бариери – дигитален товарен лист и поефикасни граници“, што ја организира Сојузот на стопанските комори (ССКМ).
Како што истакна претседателот на ССКМ, Горан Ѓорѓиевски, стопанството е повеќе од подготвено за оваа промена и бара целосно воведување и функционирање на електронскиот товарен лист.
– Она што во моментот недостига е способноста на државните институции интероперабилно да примат, да проверат и меѓусебно да го признаат електронскиот запис. Затоа денес излегуваме со конкретен предлог: сеопфатна архитектура за интероперабилност и едношалтерски систем (One-Stop-Shop) заедно со сите потребни законски измени, кои ќе ја овозможат оваа реформа. Времето не е неограничено. Промените во глобалната логистика се случуваат бргу, а дигитализацијата повеќе не е избор, туку услов за опстанок – нагласи Ѓорѓиевски во обраќањето.

Според него, електронскиот товарен лист ќе значи поголема конкурентност на нашите компании, заштеда на хартија, конекција со европските текови и зголемена интероперабилност меѓу институциите.
Издавањето e-CMR би требало да оди преку Министерството за транспорт, но вклучени би биле и Царинската управа, Министерството за економија и труд и други институции.
– е-CMR е важен за македонската економија, за македонските транспортери, за забрзување на процесите на проток на стоки кон нашите пазари и партнери, но и кон македонските компании, производители,… Што се однесува до процесот на олеснување или зголемување на конкурентноста, електронскиот товарен лист и целата оваа постапка ги забрзува процесите кои може само да им заштедат време на компаниите и да ги забрзаат процесите бидејќи имаме стоки што баш и не може да останат на граничните премини, заглавени во процедури на складиштата, туку тоа треба да биде процесирано и испратено на електронски начин – изјави Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Тој смета дека со стапувањето во сила на e-CMR, и вработените во овој секор ќе имаат можност да ги зголемат своите вештини.
– Постапката и процесот се дигитализирани сами по себе, меѓутоа треба да се управуваат од луѓе што ќе треба да ги зголемат своите вештини – рече Бошков.
ОД ССКМ се децидени дека имплементацијата на електронскиот товарен лист претставува важен чекор кон дигитализација и модернизација на транспортниот сектор. За негово целосно функционирање потребни се интероперабилност на системите, координација меѓу институциите и воспоставување заедничка институционална архитектура преку едношалтерскиот систем (One Stop Shop).

