Пратениците Бобан Карапејовски, Драгана Бојковска и Фериде Хаџиу учествуваат на дванаесеттата глобална конференција на Интерпарламентарната унија (ИПУ) за млади парламентарци, на тема „Реафирмирање на човековите права, правдата и достоинството за сите во турбулентни времиња“, што се oдржува од денеска до 6 овој месец во Самарканд, Узбекистан.
Конференцијата ги обединува младите парламентарци од разни делови на светот, со цел размена на искуства и добри практики за унапредување и заштита на човековите права, политичките и економските права на младите, како и за нивно поголемо учество во процесите на донесување одлуки.

На свеченото отворање пред учесниците на конференцијата се обратиле: Шавкат Мирзијојев, претседател на Република Узбекистан, Танзила Нарбаева, претседателка на Сенатот на Узбекистан, Нуридин Исмоилов, претседател на Законодавниот дом на Узбекистан, Тулија Аксон, претседателка на ИПУ, Анда Филип, генерална секретарка на ИПУ, Нур Абу Гош, претседателка на Бирото на млади парламентарци на ИПУ, и Фелипе Полие, помошник-генерален секретар на Обединетите нации за младински прашања.

Програмата опфаќа теми поврзани со заштитата на правата на младите во време на конфликти, заштитата на дигиталните права во дигиталната ера, обезбедувањето отпорност кон климатските промени, унапредувањето на економските права и вработувањето на младите во услови на неизвесна иднина, како и обезбедувањето политички права и ставање крај на насилството врз жените и младите.
Како што соопшти собраниската прес-служба, пратеникот Бобан Карапејовски се обратил на втората сесија на конференцијата, посветена на заштитата на дигиталните права во дигиталната ера. Во своето излагање тој предупредил дека вештачката интелигенција веќе влијае врз образованието, вработувањето, кредитирањето и јавните услуги на младите, но одговорноста за одлуките што ги носи технологијата не смее да биде автоматизирана.
– Карапејовски истакна дека законска регулатива за вештачката интелигенција треба истовремено да биде проиновативна и заснована на правата на човекот, со транспарентни и независно проверливи системи, јасна информираност на граѓаните кога одлуките се носат со помош на вештачка интелигенција, како и реална можност за човечка проверка и право на приговор. Тој укажа и на потребата од ограничувања на биометрискиот и масовниот надзор, посилна заштита на податоците и јасни правила за „дипфејк“ содржините и автоматизираната дезинформација, особено за заштита на интегритетот на изборите. Пратеникот предложи воведување на т.н. процена на влијанието врз дигиталните права на младите (Youth Digital Rights Impact Assessment) при донесувањето значајни закони и системи за вештачка интелигенција во јавните институции – се вели во соопштението.
Во дискусијата на четвртата сесија: „Унапредување на економските права и вработувањето на младите во услови на неизвесна иднина“ учествувала пратеничката Фериде Хаџиу. Во своето обраќање таа се осврнала на економската сигурност на младите и на предизвиците со кои тие се соочуваат на современиот пазар на труд.
Таа посочи дека невработеноста кај младите во Македонија останува приближно двојно повисока од националниот просек, а како клучни предизвици ги наведе неусогласеноста меѓу образованието и потребите на пазарот на трудот, неформалната и несигурна работа, како и иселувањето на образован и стручен млад кадар. Хаџиу ги прeзентира конкретните мерки преземени во земјата во оваа насока, меѓу кои Законот за стручното образование и обуката, кој воведува дуално образование, активните мерки за вработување млади лица, формирањето младински совети и консултативни механизми, како и инвестициите во дигитални вештини и дигитална трансформација. Таа истакна дека успехот не треба да се мери само преку статистиките за вработеност, туку и преку способноста на младите луѓе реално да изградат сигурен живот – информираат од Собранието.
На петтата сесија, посветена на политичките права и спречувањето на насилството врз жените и младите, се обрати пратеничката Драгана Бојковска. Во своето излагање таа го претставила новиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство како чекор кон посилна заштита на жените и младите од насилство. Со законот се уредува постапувањето и меѓусебната координација на институциите, мерките и услугите за помош и заштита на жртвите и собирањето податоци за родово базирано и семејно насилство. Таа ја нагласила важноста на унапредувањето на законската рамка и институционалните механизми за спречување на насилството врз жените и обезбедување ефикасна заштита на жртвите.
Се очекува на крајот од конференцијата учесниците да усвојат завршен документ.
