Млади волонтери и неколку граѓански здруженија денеска учествуваа во уредување и разубавување на центарот на Валандово, како и на јавните површини пред повеќе институции. Во текот на акцијата се засадија дрвја и сезонско цвеќе, а дел од учесниците се вклучија и во фарбање на клупите на јавните површини и уредување на околниот простор на пофреквентните локации.
Активностите се реализираа во рамки на еко-социјалната иницијатива „Зелена трансформација на локалните јавни површини преку инклузивна еко-социјална акција“, координирана од ЈУ „Центар за социјална работа” од Валандово.
Организаторите посочуваат дека целта на иницијативата е да се поттикне поголема вклученост на заедницата и да придонесе кон подобрување на условите за живот преку одржливи и инклузивни активности.

Активноста е дел од проектот кој го спроведуваат Центарот за социјални иницијативи “Надеж” – Скопје, Здружението на социјални работници на Македонија и Центарот за младински активизам „Крик“, со поддршка на Швајцарската влада преку програмата “Цивика Мобилитас”. Реализацијата е потпомогната од Општина Валандово, ЈП „Македонски шуми“, младите волонтери и корисниците на овие здруженија.

Заедно со оваа активност, Општината во соработка со СОУ „Гоце Делчев“ и јавните институции организираше засадување на 1 000 нови садници со цвеќе, за да се разубават јавните површини. Од Општината велат дека преку овие иницијативи го подржуваат уредувањето на околината и придонесуваат за подигнување на еколошката свест кај граѓаните, особено кај младите.
