Македонските граници стануваат шопинг рути. Граѓани од Албанија масовно влегуваат во земјава, но не на прошетка, туку по поефтин живот. Алфа направи обиколка на бензиските пумпи и поголеми маркети долж патот кој води до граничниот премин Ќафасан.
Резервоарите до врв се полнат на домашните бензински пумпи, а количките во маркетите брзо се полнат со основни прехранбени производи. Според регионалните споредби, разликите во цените на бензинот и дизелот достигнуваат ниво кое за многумина го оправдува и самото патување.
- „Јас купувам нафта од овде кога одам на долг пат и не е голем проблем за мене. Но за граѓаните на кои секојдневието им зависи од автомобил, посебно за транспортерите и таксистите, високата цена на нафтата е голем проблем. Акцизите кај нас се високи.
- Во Македонија не е скапа нафтата, а во Албанија е скапа. Бев во Тетово и на одење и враќање наполнив гориво.
- Да, повеќето доаѓаат да наточат нафта. Во Албанија цената е двојно повисока“ – велат анкетираните граѓани.
Но, ова не е само приказна за горивото. Во маркетите сѐ почесто може да се слушне албански јазик. Од основни прехранбени производи – леб, млеко, масло, до месо и средства за домаќинство, граѓаните од соседството купуваат на големо. Дел од нив велат дека цените се значително поповолни, особено кога се купува во поголеми количини. Неретко доаѓаат организирано со автобус на пазарење во Струга, бидејќи првите маркети се на неколку минути од Ќафасан.

- „Не, храната не е поскапа од тука. Албанската влада презеде мерки за намалување на цените на прехранбените производи. Тоа што доаѓаат во Македонија по храна за мене е погрешно, бидејќи цените во маркетите кај вас и во Албанија се исти. Зошто да ги купувам тука истите артикли со ист квалитет, но тоа е до менталниот склоп на луѓето.
- Не се скапи сите производи, но одредени имаат висока цена.
- Ние на пазарење одиме. Што пазарите најчесто? Масло, шеќер, ориз. Поефтино е? Многу поефтино.
- Цените се исти, можеби малку поефтини, но не премногу“ – велат анкетираните граѓани.
За многумина од Албанија, разликата во цените е доволна причина да се помине границата и да се направи целосна набавка – од гориво до леб.
„Колони возила со албански регистарски таблички на македонско-албанската граница. Зголемената фреквенција е речиси секојдневна појава. Понекогаш на граничниот премин се чека со часови. Причината лежи во различните цени во двете соседни земји“.
Разликите произлегуваат од различни акцизни политики, даноци, транспортни трошоци и динамиката на пазарите во двете земји. Кога тие фактори ќе се спојат, се создава ценовен јаз кој граѓаните брзо го препознаваат – и го користат.
