Меѓународниот аеродром Скопје, официјално ја доби престижната награда за квалитет на аеродромски услуги (ASQ) за 2025 година во категоријата „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми (ACI World). Наградата беше доделена за време на Глобалниот самит за патничко искуство на ACI што се одржа во Истанбул на 2 септември 2026 година – соопшти денеска ТАВ Македонија, оператор на скопскиот и на охридскиот аеродром.
Ова е 11-та ASQ награда, или награда за квалитет на аеродромските услуги, што ја добива Меѓународниот аеродром Скопје, со што, според ТАВ Македонија, повторно ја потврдува својата позиција меѓу водечките европски аеродроми според квалитетот на услугите и оперативната извонредност. Признанието се темели целосно на оценките и повратните информации од патниците, собрани преку програмата Airport Service Quality (ASQ), водечка светска програма за мерење и споредбена анализа на искуството на патниците на аеродромите.
Наградата ASQ (Airport Service Quality) им се доделува на аеродромите што постојано обезбедуваат непречено, ефикасно и беспрекорно патничко искуство. Оценките од патниците ги опфаќаат клучните аспекти на патувањето низ аеродромот, вклучувајќи ја ефикасноста на чекирањето, безбедносните проверки, јасната ориентација и сигнализација, удобноста на терминалот, чистотата и севкупната практичност и удобност за патниците.

– Добивањето на ASQ наградата за Најпријатно аеродромско искуство во Европа по 11-ти пат е исклучително достигнување и огромна гордост за ТАВ Македонија. Ова признание има особена вредност бидејќи доаѓа директно од нашите патници и ја одразува нивната доверба во услугите што ги обезбедуваме. Воедно, тоа е потврда за посветеноста, професионалноста и тимската работа на нашите вработени, кои секојдневно работат за да обезбедат непречено, ефикасно и пријатно патничко аеродромско искуство. Фактот што оваа награда ја добиваме во период кога опслужуваме рекорден број патници дополнително ја истакнува нашата способност да растеме и да се развиваме, притоа одржувајќи врвен квалитет на услугите – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Оттаму посочуваат дека Меѓународниот аеродром Скопје е награден заедно со уште три аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, што ја потврдува посветеноста на групацијата кон обезбедување врвен квалитет на услуги низ целата нејзина аеродромска мрежа. Во рамките на ASQ програмата, Аеродромот Анкара Есенбога, Аеродромот Измир Аднан Мендерес и Меѓународниот аеродром Тбилиси исто така добија повеќе признанија во своите категории според бројот на патници. Дополнително, Аеродромот Анкара Есенбога и Аеродромот Измир Аднан Мендерес биле вклучени во престижната листа ACI World Director General’s Roll of Excellence, едно од највисоките признанија во рамките на ASQ програмата.
– ASQ наградите, кои секоја година ги доделува Меѓународниот совет на аеродроми (ACI World), се меѓу најпрестижните признанија во воздухопловната индустрија. Најновото признание дополнително ја потврдува посветеноста на ТАВ Македонија кон обезбедување висококвалитетно патничко искуство за своите патници. За време на Глобалниот самит за патничко искуство на ACI, ТАВ Аеродроми активно придонесе во дискусиите за иднината на патничкото искуство на аеродромите, преку панел-сесија на која учествуваше Од Феран (Aude Ferrand), главен комерцијален директор на ТАВ Аеродроми. Компанијата воедно ги претстави своите иницијативи насочени кон патниците и најдобрите практики во областа на патничкото искуство пред меѓународните чинители од воздухопловната индустрија – велат од ТАВ Македонија.
