Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија по 23. пат ќе го одбележат Светскиот ден на филозофијата со свечена програма и научен симпозиум посветен на 100-годишнината од раѓањето на францускиот мислител, Мишел Фуко.
Настанот ќе се одржи на Филозофскиот факултет во Скопје, а ќе почне со музички настап на студенти од Факултетот за музичка уметност во класата на проф. м-р Дарко Багески, кои ќе изведат дела од Фердинандо Карули, Мануел де Фала и Јохан Штраус Помладиот.
Во рамки на свечениот дел ќе биде промовиран и 39. број на националното филозофско списание „Филозофска трибина“, по што ќе биде доделена наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2026 година на проф. д-р Вера Георгиева.
Централниот дел од одбележувањето е научниот симпозиум „100 години Фуко: Субјект, знаење, моќ“, посветен на делото и актуелноста на идеите на Мишел Фуко во современото дигитално и технолошко општество.
На симпозиумот ќе учествуваат девет филозофи и истражувачи од земјата и странство, меѓу кои и д-р Стивен Фридман од САД, а во дискусиите ќе бидат обработени теми поврзани со биополитиката, дисциплинарните механизми и односот меѓу знаењето и моќта.
Организаторите посочуваат дека годинашното одбележување се надоврзува на глобалната тема на УНЕСКО „Живеење на Земјата заедно“, со која се потенцира улогата на филозофијата како етички ориентир во справувањето со современите општествени и технолошки предизвици.

