Со проекцијата на документарниот филм „Птици на војната“ вечерва во „Лабораториум“ ќе биде отворено јубилејното 10. издание на Медиумскиот фестивал Скопје (МФС), што до 19 ноември ќе понуди програма составена од документарни филмови, работилници и дебати посветени на актуелните предизвици во медиумската сфера.
Фестивалот, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), годинава ќе отвори повеќе теми поврзани со новинарската професија, улогата на медиумите во демократските општества, менталното здравје на новинарите, правната заштита во професијата и медиумската писменост.
Првата фестивалска вечер е резервирана за документарецот „Птици на војната“, кој ја следи приказната на либанска новинарка и сириски снимател што известуваат од воени жаришта. По проекцијата ќе се одржи дискусија за промените на медиумската сцена во изминатата деценија и предизвиците што ги очекуваат медиумите во иднина, а ќе биде прикажано и ретроспективно видео посветено на досегашните девет изданија на фестивалот.
Вториот ден од фестивалот ќе почне со работилница за справување со стрес и превенција од професионално согорување, што ќе ја води психотерапевтката Радмила Живановиќ. Во програмата е вклучена и дебата за позицијата на жените во новинарството и застапеноста на темите што ги засегаат жените во јавниот простор.
Во рамки на филмската програма утре ќе бидат прикажани и документарните филмови „Укради ја приказнава, те молам!“, посветен на американската новинарка Ејми Гудман, и „Демократија во мрак“, кој преку лични сведоштва ги обработува општествените промени во Унгарија.
Последниот фестивалски ден ќе биде посветен на правната заштита на новинарите и медиумската писменост. Предвидена е работилница што ќе ја води Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници, посветена на договорите, работните ангажмани и механизмите за правна заштита во новинарската професија.
Фестивалот ќе биде заокружен со дебата за медиумската писменост и со проекции на документарните филмови „80 гневни новинари“, за борбата на унгарски новинари за уредувачка независност, и „Господин Никој против Путин“, добитник на Оскар за најдобар документарен филм за 2025 година.

