Во Собранието денеска ќе заседаваат две комисии – Комисијата за социјална политика, демографија и млади и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
На дневен ред на Комисијата за социјална политика, демографија и млади е јавната расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за семејството, поднесен од пратениците Бобан Карапејовски, Весна Бендевска, Даниел Стојчевски, Даниела Белимова, Павле Арсоски. Целта на Предлог-законот, како што се посочува во образложението објавено на собраниската веб-страна, е уредување на пристапот до податоците и списите на предметите за посвојување, преку воспоставување механизам за остварување на правото на полнолетниот посвоеник на увид во списите на предметот за неговото посвојување. Со предлог законот се уредуваат и постапувањето и одлучувањето по барањата за пристап, пристапот до податоци од медицински причини поврзани со здравјето на малолетниот посвоеник, како и пристапот на крвните сродници на полнолетниот посвоеник под условите утврдени со закон.
Пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците е Предлог одлуката за одржување на јавна расправа по работната верзија на Предлогот на закон за организација и работа на органите на државната управа.

