Реклама

35 години независна Македонија – од каде почнавме, а каде сме сега?

Македонскиот јазик ги чува корените на Македонците во Албанија, бараат образование на мајчин јазик

Сиљановска-Давкова: Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме, никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите!

Сиљановска-Давкова: Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме, никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите!

Гаши по повод Денот на независноста: Државата е нешто што се гради секој ден – со одговорност, правда, економија и остварени граѓани

Нови комунални возила за почисто Куманово, општината доби владина донација од пет специјализирани возила

Асномскиот завет мора да ја води Македонија: Каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме

Топлотниот бран ризик за пожари – службите на истокот на готовс

Туризмот во Крушево зема замав, новите проекти и културни содржини привлекуваат сè поголем број гости

Цела Македонија под портокалова фаза – УХМР со вонредна прогноза, лекарите со совети да се внимава

Србиновски за Алфа:„Вертикалниот гасен коридор“ стратешки ја позиционира Македонија и носи долгорочен бенефит

Барал 1500 евра за вработување пожарикар – Триесетдневен притвор за возачот во СОЗР

Македонија

Сиљановска Давкова: 8 Септември трајна обврска за секоја генерација  да ја направи подобра државата

 Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска додели Орден „8 Септемви“ на Јордан Плевнеш…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

 Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска додели Орден „8 Септемви“ на Јордан Плевнеш и Раде Сиљан и постхумно на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски.

 – Петтемина добитници на орденот „8 Септември“ оставија дела што не се ограничени на еден жанр, на сцена, една книга, или едно време. Тие создаваа, истражуваа, преведуваа, играа, сликаа, но зад сите тие различни облици на творештво останува нешто заедничко: трага не исчезнува со завршувањето на едно дело, туку продолжува да живее преку оние што го читаат, гледаат, изучуваат и паметат –  порача претседателката Сиљановска Давкова на церемонијата во Вила Водно. 

Во говорот претседателката истакна дека секој 8 Септември нè враќа три и пол децении назад, во историскиот ден кога граѓаните на Македонија ја изразија својата волја да живеат во суверена и самостојна држава, со што вековниот сон стана јаве, а делото на илинденците и асномците доби завршница. 

Реклама

– 8 Септември не е само историски датум, ниту минато свршено време, туку наша трајна обврска, којашто секоја генерација ја презема со задачата да ја чува, да ја гради и да ја направи подобра државата што ја наследила. А државата не е само збир на институции, туку извира и им припаѓа на граѓаните, како поединци кои преку своето знаење, критичка мисла, талент и макотрпна работа, на македонското општество го збогатуваат со непотрошни вредности и оставаат небришливи траги што го надживуваат нивното физичко постоење – рече Сиљановска Давкова.

Такви личности, додаде таа, се петтемината одликувани творци чии дела се изразуваат на различен јазик на творење: книжевниот збор, научното знаење, врвниот превод, сценскиот израз, и јазикот на потегот на сликарската четка, но коишто заедно се вреден и жив дел од нашата културна меморија и наследство. 

Видеото може да го погледнете на следниот линк:

Во својот говор таа се осврна на делата на Плевнеш, Сиљан, Гега, Јовановски и Чемерски. За Плевнеш рече дека е талентиран, знаменит автор за кој, литературата и драматургијата не се само естетски дисциплини, туку модус на толкување на историјата, времето и човекот, но и modus vivendi. – Во неговото творештво Македонија не е затворена мала државна школка, ниту изолирана балканска периферија, туку вреден идентитетски феномен, всушност мозаик од култури, мост и крстопат, лакмус за одмерување на силата на големите, а за жал, не ретко и арена – рече претседателката.  

Можеби, додава Сиљановска Давкова, најточно за Јордановиот свет говори формулата од „Вечната куќа“ – „трагедија + време = комедија“. Во неа е содржана една од неговите постојани преокупации: начинот на кој времето ги менува значењата на историските настани, на човечките страдања, на победите и поразите, па и на нашите обиди да го определиме сопствениот идентитет.  – Во „Вечната куќа“, таа станува простор низ кој минуваат векови, цивилизации и различни човечки судбини, а македонската држава се појавува како драмски центар на едно мошне важно прашање: кому му припаѓа историјата и кој има право да ја толкува? – рече таа. 

Од првата поетска книга „Теорија на отровот“, преку драматуршкиот опус, до романите „Осмото светско чудо“ и „Роман за тајната книга“, неговото творештво потврдува дека и малите држави, како нашата, имаат свое место во светот, кога нивната приказна има сила да одекне далеку над нивните граници. Неговите драми се играни на пет континенти, на педесетина јазици и во над триесет земји, а за неговото творештво пишувале „New York Times“, „Guardian“, „Figaro“, „Liberation“ и други значајни светски медиуми.

Покрај книжевното и драматуршкото творештво, Плевнеш е истакнат професор и преведувач, ерудит и расен интелектуалец. Преку преводите од француски јазик, педагошката работа и предавањата на Универзитетот „Пантеон Асас – Сорбона“ за драмата во политичката историја на светот од Антиката до денес, тој продолжува да го збогатува просторот на своето дејствување, поврзувајќи ги литературата, уметноста, историјата и современото општество.

– Затоа, одликувајќи го Јордан Плевнеш со Орденот „8 Септември“, го вреднуваме неговиот исклучителен творечки опус и неговиот придонес кон македонската книжевност и драматургија, но и неговата умешност македонската реч да ја пренесе и да ја направи дел од меѓународната културна приказна, оставајќи свој печат – истакна претседателката Сиљановска Давкова.

За Раде Силјан рече дека е книжевен човек и личност за кој времето не е само тема, туку постојан предмет на преиспитување, простор во којшто се среќаваат личната и историската меморија, судбината на човекот, татковината и народот.

– Уште со првата поетска книга „Третиот лик на времето“, а потоа и низ „Сенки на јавето“, „Заѕидување на сенката“, „Пресликано време“, „Гласот на предците“, „Горчлив вилает“, „Сенки на татковината“, „Кругови“ и „Молитва за Македонија“, тој гради препознатлива поетика во која личното и колективното паметење се преплетуваат и добиваат поетски израз. Во неговата поезија загриженоста за националната судбина не се претвора во патетика, туку во воздржано и медитативно пеење, во кое личното чувство се крева и добива пошироко историско и човечко значење – посочи претседателката. 

Зборуваше за неговата книжевна критика и есеистика и долгогодишниот напор книжевното дело да биде прочитано, вреднувано и поставено во поширокиот развоен контекст на македонската литература, додека неговата работа како антологичар создава своевидна карта на книжевната меморија, преку која различни генерации, автори и дела добиваат свое место и можност да бидат повторно откриени и прочитани. Како особено значаен го истакна неговиот придонес во издаваштвото, каде што како генерален директор на „Македонска книга“ учествува во создавањето на значајни капитални изданија, а во првите години на самостојната македонска држава храбро ја основа „Матица македонска“, која низ децении објавува голем број наслови посветени на македонската историја, култура, книжевност и јазик, но истовремено ја доближува европската и светската книжевност до македонскиот читател. Неговите дела се преведени на повеќе јазици, а за своето творештво и издавачката дејност е добитник на бројни домашни и меѓународни признанија, меѓу кои и наградите „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Димитар Митрев“, државните награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и „Златниот крст за заслуги“ од претседателот на Република Унгарија. Да потсетам, два мандата беше и претседател на Друштвото на писателите на Македонија, продолжувајќи ја својата долгогодишна посветеност на македонскиот книжевен збор.

– Затоа, кога денес го одликуваме Раде Силјан со Орденот „8 Септември“, ја вреднуваме неговата поезија, но и неговата работа врзана за поезијата, неговите книги, но и неговата долгогодишна грижа книжевното наследство да биде прочитано, зачувано и пренесено на идните генерации. Неговиот придонес кон македонската култура е токму во таа трајна посветеност да пишува за времето, но и со својата работа да придонесе времето да не ја избрише нашата книжевна меморија – рече таа.

За Џеват Гега рече дека бил научник кај кого, проучувањето на албанската книжевност секогаш одело подлабоко од самото толкување на делата. – Во неговиот интерес се среќаваат книжевноста, јазикот, историјата и културата, како и нивната меѓусебна поврзаност, особено во проучувањето на албанската книжевност кај нас и на Балканот. Меѓу авторите на кои им посветува особено внимание се Фан Ноли, Филиј Ширика, Луиз Гуракуќи, Наим Фрашери, Де Рада и Стерјо Спасе, како и Арберешите од Италија. Во своето истражување за оригиналната поезија на Фан Ноли и нејзината политичка генеза, Гега не ги согледува само нејзините мотивско-стилски особености, туку и поширокото историско и културно значење на Нолиевото творештво –  наведе претседателката. 

Токму во неговите компаративни истражувања се согледува синергијата меѓу македонската и албанската книжевност, нивните заемни влијанија, како и историските и културните искуства.

– Во проучувањето на Миѓени и Рацин, во истражувањата за Рацин и некои албански автори, како и во проучувањето на Прличевата поема „Скендербеј“ и начинот на кој таа била доживеана и толкувана во албанската книжевност, Гега ги открива допирите, сличностите и заемните влијанија меѓу двете книжевности. Така, наместо да ги гледа како одвоени книжевни традиции, тој ја согледува нивната поврзаност и начинот на кој се надополнуваат. Особено место во неговата работа има албанската книжевност. Во своите истражувања, а особено во докторската дисертација „Книжевноста на албанската националност во Република Македонија 1945–1985“, Гега го следи нејзиниот развој и нејзините особености, согледувајќи ја во општествениот и културниот развој на македонската држава. Со тоа, тој остава значаен научен запис за една книжевност и за нејзиното место во културниот живот на државата – нагласи Сиљановска Давкова. 

На Филолошкиот факултет во Скопје, своето знаење тој го пренесувал на генерации студенти, а како автор на „Абетарето“ остави дело со непосредно значење за образованието на најмладите. Неговиот ангажман во јазичните комисии, како и уредувањето на „Флака е влазëримит“, зборуваат за човек кој знаењето за јазикот не го чуваше само за науката, туку го внесуваше и во образованието и во поширокиот културен живот. Преведувал учебници и дела од македонски и српскохрватски на албански јазик. – Преку научната работа, наставата и преводот, Џеват Гега остави дело во кое јазикот и книжевноста се појавуваат и како начин на разбирање на културата и на нејзините врски со другите – рече Сиљановска Давкова. 

Мето Јовановски, нагласи претседателката, е еден од актерите кои со своето присуство оставија длабока трага во македонскиот театар и филм, актер чија сила не беше само во способноста да одигра различни улоги, туку во начинот на кој секоја од нив ја исполнуваше со живот и ја претвораше во уверлива човечка судбина, трансформирајќи се во личноста која ја глуми.  

Неговиот професионален пат започнува во Народниот театар во Штип, продолжува со студиите на Театарската академија во Софија, а од 1971 година е дел од Драмскиот театар во Скопје, на чија сцена ќе создаде голем број ликови по кои ќе биде препознаен. Во „Диво месо“ го толкува Симон, во „Хамлет“ го игра насловниот лик, а меѓу неговите значајни театарски остварувања се и Јане Задрогаз, Еригон, Бранко Митиќ во „Карамазови“, Војницки во „Вујко Вања“, Цибра во „Тетовирани души“ и Арсе во „Писание“. Неговите улоги знаеја да нè насмеат, но и да нè вознемират, да разбудат љубопитност, да отворат прашања и да нè натераат да размислуваме и долго по завршувањето на претставата.

– Ако на сцената ја освојуваше публиката со непосредноста на својата игра, пред камерата знаеше да зборува и со поглед, со молк, со едвај забележлив гест. Го паметиме по улогите во „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Ангели на отпад“, „Големата вода“, „Тајната книга“, „Мисија Лондон“, „Трето полувреме“, „Деца на сонцето“ и „Златна петорка“. Во секоја од нив внесуваше нешто свое, нешто што не можеше да се одигра само со зборови, туку се препознаваше во погледот, во тишината и во начинот на кој ликот го носеше низ приказната – нагласи Сиљановска Давкова. 

За својата работа Мето Јовановски беше повеќекратно наградуван, меѓу другото со наградите „13 Ноември“, „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, со четири награди „Милтон Манаки“, „Златен венец“ на МЕСС, две Гран при награди во Ниш, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ и наградата „Киненова“. Но, зад сите признанија стои една актерска кариера обележана со исклучителна посветеност, со храброст да се влегува во различни ликови и со постојана потреба секоја улога да се доживее одново и одново.

– Како професор и режисер, тој им помагаше на новите генерации да ја запознаат сцената не само како професија, туку и како простор на дисциплина, ризик и постојано трагање по вистината на ликот. Со неговото заминување во 2023 година, македонскиот театар и филм загубија голем актер, но зад него останаа улоги и остварувања што сведочат за едно значајно поглавје во македонската сценска и филмска уметност – рече претседателката. 

Сиљановска Давкова за Глигор Чемерски рече дека е еден од оние македонски уметници во чие творештво минатото и современоста не стојат едно спроти друго, туку постојано разговараат, се дружат, надополнуваат и добиваат ново значење. – Неговото сликарство е длабоко вкоренето во македонскиот културен и историски простор, во неговото античко и средновековно наследство, во фрескописот и народната меморија, но истовремено е препознатливо по својата современост и по личниот уметнички јазик со кој Чемерски тие извори ги претвора во сопствен свет – нагласи Сиљановска Давкова. 

Зборувајќи за него таа рече дека неговиот однос кон македонското културно наследство започнува уште од најраните години, во Тиквешието, во непосредната близина на Стоби, каде што античките остатоци и слоевите на историјата стануваат дел од неговото визуелно паметење. Подоцна, во византиската уметност и во фрескописот од Курбиново, „Света Софија“, „Свети Пантелејмон“ и „Свети Климент“, тој препознава не само вредно наследство што треба да се чува, туку и жив извор на уметнички идеи. Чемерски, меѓутоа, не го повторува она што го наследил, туку го преобразува, ги зема неговите форми, симболи и духовни слоеви и ги внесува во современиот ликовен израз.

– Затоа во неговите дела се среќаваат мотиви што припаѓаат на различни времиња и различни културни слоеви – Свети Ѓорѓи и змејот, Оплакувањето, Ева и јаболкото, Добриот пастир, охридските сирени, Аполон – но тие кај него не се само цитати од минатото, туку дел од едно ново уметничко читање на човекот, историјата и просторот во кој живееме. Во таа постојана средба меѓу старото и новото, меѓу сакралното и секојдневното, меѓу митот и современиот човек, Чемерски создава ликовен свет што е длабоко македонски, но не е затворен во националните граници. Знам дека покрај сликарството, тој создаваше графики, мозаици и фрески, пишуваше есеи и беше активен во културниот живот, оставајќи зад себе дела што денес се вгнездени во македонскиот визуелен идентитет. Неговите монументални остварувања во Скопје, Кавадарци, Вруток и Кочани не се само дела поставени во јавниот простор. Тие станаа дел од местата што ги препознаваме, од градовите и пејзажите во кои живееме, и од сликата што ја носиме за сопствената земја – потсети претседателката. 

За неа, како што кажа, е особено значајно врачувањето на орденот е во „Сала Мозаик“, меѓу неговите монументални дела. – Овие мозаици се првиот впечаток за секој што влегува во овој простор и, на некој начин, првиот поглед кон македонската држава. На двата спротивни ѕида, преку диптисите „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“, Чемерски ја раскажува земјата низ нејзините историски и духовни слоеви: од античките траги и симболи, до светите Кирил и Методиј, Климент и Наум, глаголското и кирилското писмо – рече Сиљановска Давкова. 

Куси обраќања на церемонијата имаа и двајцата живи добитници на орденот Јордан Плевнеш и Раде Силјан.

Видеото може да го погледнете на следниот линк: