Проширувањето на понудата на пазарот на капитал со нови финансиски инструменти, нови емисии на акции и обврзници е еден од главните предизвици за Македонската берза, истакна денеска главниот извршен директор на Македонската берза Иван Штериев, на 25. јубилејна Годишна конференција на Берзата што се одржува во Охрид по повод 30 години од нејзиното основање.
Тој посочи дека вкупниот промет на Македонската берза заклучно со 15 септември изнесува околу 89,8 милиони евра, што е околу осум отсто помалку од истиот период лани. Класичното тргување е намалено за 27 отсто, додека блок-трансакциите се зголемени за околу 159 отсто. МБИ10 на 15 септември изнесувал 9.151 поен, што е за 8,9 отсто помалку во однос на крајот на 2025 година.
– На плиток пазар, како нашиот, со мал број активни учесници, и релативно мали промени во расположението можат значајно да се почувствуваат, рече Штериев.
Тој оцени дека состојбите на домашниот пазар не можат едноставно да се објаснат со општиот берзански сентимент, бидејќи главни ограничувања остануваат тесната понуда на финансиски инструменти и ограничениот прилив на нови инвеститори, додека домашните инвеститори имаат сè поширок избор на странските берзи.
Како една од конкретните активности за проширување на понудата го посочи проектот со ЕБОР за подготовка на домашните компании за пазарно финансирање.

– За десет места се пријавени повеќе од 20 компании. Финалната селекција ќе се направи набрзо. Останува да се надеваме дека од оваа прва група компании ќе произлезе некоја што ќе каже: подготвени сме да ја отвориме и вратата на пазарот на капиталот, истакна Штериев.
Тој најави и конкретни придобивки од регионалниот проект Junctus, во кој Македонската берза учествува со уште седум берзи од Централна и Југоисточна Европа.
– Прв конкретен резултат што го очекуваме од „Junctus проектот“ е регионален ЕТФ, со вклучување на неколку акции од нашиот пазар и со последователна котација на овој ЕТФ и на Македонската берза, рече Штериев, додавајќи дека планот за негово лансирање е во втората половина на 2027 година.
Тој се осврна и на зголеменото вложување на домашните инвеститори во странски хартии од вредност, посочувајќи дека минатата година прометот во странство, преку домашните членки, надминал 110 милиони евра, а во првите шест месеци годинава надминал 89 милиони евра.
– Затоа е време и кај нас сериозно да разговараме за воведување на т.н. македонски инвестициски сметки, рече Штериев, оценувајќи дека со ваков модел би можело да се поттикне долгорочното вложување и поголемото учество на граѓаните на пазарот на капитал.
Тој ја нагласи и потребата од започнување на примената на новата законска регулатива усогласена со европските правила, како и тесна координација со Министерството за финансии и Комисијата за хартии од вредност.

– Главниот предизвик е да работиме на тоа интензивно, да ја прошириме понудата, да има нови финансиски инструменти, нови емисии на акции и обврзници, истакна Штериев.
Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Бујаре Абази, во обраќањето пред учесниците на конференцијата истакна дека довербата во пазарот и неговите учесници е највредниот капитал за кој сите субјекти треба активно да придонесуваат, особено во услови кога државата се наоѓа во период во кој новите европски регулативи директно ја обликуваат домашната економија.
Таа посочи дека еден од клучните предизвици е активирањето на пасивниот домашен капитал.
– Како регулатор ја нагласуваме потребата од будење на овие пасивни милијарди денари. Граѓаните и компаниите располагаат со значителни заштеди и наша задача е да создадеме услови дел од тој капитал да препознае дополнителни можности за инвестирање преку пазарот на капитал, рече Абази.
Според неа, пазарот на капитал не треба да се гледа како конкурент на банкарското кредитирање, туку како негово дополнување, особено за финансирање поризични и иновативни проекти. Таа нагласи и дека усогласувањето со европските стандарди не смее да значи слепо наметнување административен товар.

– Наша цел се поедноставни, појасни и попропорционални правила и поголема интеграција на европските пазари на капитал, рече таа.
Абази предупреди дека домашните инвеститори во последно време повеќе ги преферираат странските пазари и оти треба да се работи на нивно задржување, враќање на оние што заминале и привлекување нови инвеститори. За следната развојна фаза, како што посочи, потребни се нова законска регулатива, партнерство со Министерството за финансии и континуиран дијалог со компаниите и инвеститорите.
– Целта не треба да биде само пазар што функционира. Нашата амбиција мора да биде пазар што расте. Пазар што ги претвора заштедите во инвестиции, регулативата во доверба, а довербата во развој, порача Абази.
Во однос на енергетските ценовни притисоци и нивното влијание врз цените на останатите производи, професорот Марјан Петрески од Универзитетот Американ колеџ во Скопје истакна дека засега немаат значителен пренос врз останатите цени во економијата, но ризикот постои и треба внимателно да се следи.

– Тоа е моментален ризик, нема особена материјализација, особено нема некој позначаен пренос на инфлациските притисоци, со исклучок на транспортот и трошоците. Меѓутоа, може да се случи тоа, како ризик постои и треба внимателно да се следи, рече Петрески.
Во однос на економските мерки, тој оцени дека по кризите од пандемијата наваму фискалниот простор во значителна мера е искористен, поради што носителите на политиките треба да најдат баланс меѓу зачувувањето на фискалниот простор и заштитата на животниот стандард и работењето на компаниите.
– Интервенција од страната на давачките, значи ДДВ и акцизата, секако е добредојдена во таа ситуација и треба будно да се следи и да се реагира од страна на Владата, рече Петрески.

Тој, сепак, посочи дека при големи глобални притисоци врз цените на енергијата не може да се очекува позначително поевтинување на дериватите.

