Проширувањето останува главен приоритет на Европската Унија но земјите аспиранти мора да покажат сериозни реформи, добрососедски односи, регионална соработка. Во предлог-завршната декларација на Самитот ЕУ-Западен Балкан се посочува пристапниот процес да биде заснован на кредибилни реформи и индивидувални заслуги.
Токму ова и ќе го бара премиерот кој отпатува за Брисел од европските челниците. Македонската владина делегација која ќе има повеќе билатерални средби ќе се бори да добие поголема поддршка од Европејците за да се откочи процесот, но со долгорочно решение кое ќе не заштити од понатамошни блокади од Бугарија. Сега топката е во ЕУ – која треба да не поддржи во отворените прашања на релација Скопје-Софија, а во истовреме ние да ги исполниме сите критериуми за напредок.
А што е тоа што треба да го направи Македонија? Предлог заклучоците oпфаќаат повеќе области, меѓу кои : борба против корупција и криминал , добрососедски односи, европски вредности, демократија, безбедност, одбрана…

Од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор и Договорот за пријателство. Ја поздравуваме решеноста на Западен Балкан да ги почитуваа основните европски вредности и принципи во согласност со меѓународното право. Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на нашите партнери за борба против организираниот криминал и корупцијата. ЕУ ја потврдува својата посветеност за понатамошен развој и зајакнување на дијалогот и соработката во безбедноста и одбраната со Западниот Балкан, се наведува во предлог – декларацијата.
Предлог заклучоците ќе бидат презентирани на Самитот во Брисел, а најважната порака која Мицкоски ќе ја однесе таму е дека нема откажување од европската иднина но и од македонскиот идентитет.Вели дека битката е за сегашните, но и за идните генерации, ама и дека Унијата мора да се врати на старите шини со што пристапувањето ќе биде по заслуги.
На Самитот, на кој Мицкоски ќе биде придружуван од министерот за надворешни работи и министерот за европски прашања, ќе стане збор и за реформската агенда на земјите од Западен Балкан која ќе биде основа за спроведување на Планот за раст на Европската Комисија. Ако се спроведат сите реформи Македонија ќе добие 750 милиони евра до 2027 година.
