Заменик-претседателот на Владата Љупчо Димовски упати честитки по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, денот кога, како што пишува, нашиот главен град ја извојувал својата слобода и застанал на страната на правдата, слободата и антифашизмот.
– Со гордост и длабока благодарност се поклонувам пред херојското дело на борците од 42-та и 50-та народноослободителна дивизија, како и на 12-та, 3-та и 16-та македонска ударна бригада. Нивната храброст, пожртвуваност и непоколеблива верба во слободата испишаа една од најсветлите страници во историјата на Скопје и Македонија. Тие ги положија своите животи за Скопје да биде слободно, а Македонија да го продолжи својот историски пат кон државноста, пишува Димовски во честитката.
Денес, 82 години подоцна, додава вицепремиерот, наша историска и морална должност е да ги чуваме и браниме вредностите за кои се бореле ослободителите, заедно со целиот слободарски и правдољубив македонски народ: антифашизмот, слободата, правдата, суверенитетот и националниот идентитет.
Категорично се спротивставувам на историскиот ревизионизам и на сите обиди за негирање, искривување или омаловажување на македонската антифашистичка борба. Затоа што слободата не е само историско наследство – таа е одговорност и обврска пред идните генерации. Таа добива вистинска смисла само кога ја претвораме во достоинствен живот, економски развој, социјална сигурност, еднакви можности и владеење на правото за секој граѓанин. Вечен да е споменот на храбрите ослободители. Нека бидат вечни нивната борба, храброст и жртва. Вечно да е слободно Скопје. Да ни е жива, слободна, независна и суверена Македонија – вели вицепремиерот Димовски во честитката по повод Денот на ослободувањето на Скопје.

