– Веста дека АНБ и БЈБ во соработка со партнерски служби, разоткриле прокси мрежа поврзана со ирански државјанин, чии членови преземале подготвителни логистички активности за извршување терористички акт/ атентат врз лице во Грција, откако беше објавена кај нас е меѓу главните вести во грчките медиуми.

„Планираа убиство во Грција со наредби од Иран – петмина уапсени во Атина и Скопје“; „Македонија: Разбиена иранска мрежа што се чини дека планирала терористички напад или целно убиство во Грција“; Петмина Скопјани планирале убиство во Грција по наредба од Иран- уапсени во Атина и Македонија‘; „Иранска мрежа во Македонија планирала убиство во Грција – петмина уапсени“; „План за убиство во Грција со наредби од Иран-петмина уапсени во Грција и Македонија“, „Иранска мрежа планирала атентат во Грција со извршители од Македонија – петмина уапсени во Атина и Македонија“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми.
Информацијата беше пренесена и во пладневните изданија на вестите на грчките телевизии.

Медиумите во Грција го пренесуваат соопштението од АНБ, посочуваат дека на акцијата и претходела размена на информации со странските служби при што бил откриен начинот на дејствување и врските со иранскиот државјанин.

Државната телевизија ЕРТ пренесе дел и од прес-конференцијата на директорот на АНБ Бојан Христовски.
– Особено значајно е дека Агенцијата за национална безбедност на Северна Македонија тесно соработува со Националната разузнавачка служба (ЕИП) на Грција од почетокот на 2026 година, како и со други странски безбедносни служби, со цел откривање лица поврзани со ирански мрежи, кои би можеле да планираат терористички активности, објави ЕРТ.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ пишува дека се уапсени пет лица, од кои еден во Грција и на 12 ноември бил екстрадиран во нашата земја.
– Властите на Македонија директно ја поврзуваат мрежата на организираниот криминал во земјата со планирање напад врз лице во Грција, по инструкции на ирански државјанин за кој се тврди дека одржува врски со иранските разузнавачки служби. Во соопштението не се наведува идентитетот на лицето кое било цел на планираниот напад, пишува „Прото тема“.

Онлајн изданието на весникот „Та неа“ објави дека истрагата започнала од крајот на февруари, почетокот на март годинава од грчката национална служба за разузнавање во соработка со службата од нашата земја и други западни служби.
– Целта беше да се откријат врските и намерите на лица кои се чини дека дејствувале во име на ирански структури, објави весникот.

Од грчките надлежни органи, засега не постои некакво соопштение или официјална реакција.

