Компанијата „Рапид билд“ со 29,4 милиони евра ќе го гради македонскиот дел од интерконективниот гасовод со Србија во должина од 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Рокот за изградба на кој се обврза денеска „Рапид билд“ е четвртиот квартал од 2028 година.
Договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија – Србија го потпишаа Недим Рама, директор на АД „Номагас“, и директорот на „Рапид билд“, Тони Каранфиловски, во Владата, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
– По спроведената постапка за доделување на договорот, за најповолна е избрана понудата на компанијата „Рапид билд“, во вредност од 29,4 милиони евра. Станува збор за договор по принципот клуч на рака, според моделот FIDIC, кој ги опфаќа урбанистичкото планирање, проектирањето, изградбата и обезбедувањето одобрение за употреба – информира Рама по потпишувањето на договорот.


Тој посочи дека вистинско значење на овој проект е во можностите што ги отвора. – Гасното поврзување со Србија претставува продолжување на коридорот кој доаѓа од Грција преку Македонија и Србија кон Унгарија и пазарите на Европската Унија. Со тоа Македонија станува рамноправен и значаен дел од иницијативата „Вертикален коридор“ – наведе Рама.
Почетната точка на гасоводот ќе биде кај блок-станицата „Клечовце“, а крајната на границата со Србија во близина на селото Сопот. Во рамките на проектот ќе бидат изградени и пет придружни објекти: главна интерконекторна мерна станица, редукциска станица, блок-станица и две приемно-отпремни чистачки станици. Предвидениот технички капацитет на гасоводот изнесува до 160.000 кубни метри гас на час, со можност за двонасочни текови, а рокот за целосна реализација на проектот е четвртиот квартал од 2028 година.
Министерката Божиновска рече дека со потпишување на договорот проектот влегува во фаза на конкретна реализација и јасни рокови.

– Интерконекторот со Србија е тесно поврзан со работата што веќе ја реализираме со Грција. Интерконекторот со Грција го создава новиот јужен влез и обезбедува пристап до Трансјадранскиот гасовод, до терминалите за течен природен гас и дополнителни извори на снабдување. Врските со Србија го продолжуваат овој правец кон север, кон пазарите на Централна Европа – рече Божиновска.
Оваа инфраструктурна поврзаност, дополни таа, директно се надоврзува на процесот за приклучување на Македонија кон „Вертикалниот гасен коридор“. „Номагас“ веќе учествува во разговорите и следната недела се очекува формализирање на приклучувањето на Македонија. Со тоа, потенцира министерката, стануваме активен дел од широката соработка меѓу операторите и државите од Источна и Централна Европа.
Регионалното и геостратешко значење на гасоводот со Србија го потенцира и премиерот Мицкоски, кој рече дека по неговото завршување на крајот на 2028 година и комплетирањето на цевководот што ќе нѐ поврзе со Грција, кој очекува да се заврши во првата половина од следната година, ќе добиеме целосно вертикална поврзаност, која е дел од Коридорот 10.

– И геостратешката позиција на државата станува драматично позначајна откога овие проекти ќе бидат реализирани во споредба со она што сме денес. Како држава што не излегува на море, со вакви проекти, кога се поврзувавме со пристаништа, како што е терминалот Александропули, кога се поврзувавме со Солунското пристаниште, со продуктоводот и нашата рафинерија „Окта“, кога градиме интерконектори во делот на снабдувањето со електрична енергија и поврзување со нашите соседи, на тој начин ја подобруваме и нашата геостратешка положба како држава – рече Мицкоски.
Истакна дека е значајно што македонска компанија ќе го гради гасоводот, кој, потенцира, е уште една инвестиција за реализација на стратешката цел на Владата – да бидеме крстосница на коридорите 8 и 10. Ќе биде добро, укажа, ако можеме да ја изградиме и отсечката до Косово за каде што е подготвена физибилити-студија и набргу ќе биде објавено и проектирање.

