650 страни полни историја за потеклото на зборовите кои ги содржи македонскиот јазик – значењето на зборовите во нашиот јазик, за прв пат се дефинираат со публикацијата на првиот том на „Македонскиот етимолошки речник“. Речникот кој ќе има последователно 5 тома, ќе содржи обработки на целокупниот фонт на македонскиот јазик заедно со дијалектите, архаизмите и интернационалните турцизми.
„2351 одредница, тоа се заглавни зборови обработени… Во овој речник за прв пат ќе ги видите етимолошките толкувања на некои зборови кои што во ниеден друг речник, ниту во бугарскиот, ниту во српскиот, ниту во словенечкиот ниту пак во било кој друг словенски и балкански речник не се толкувани.“– вели авторот на „Македонски етимолошки речник“, професорот Гоце Цветановски.
Од Институтот за македонски јазик ја истакнуваат важноста на ова дело, првиот том има сериозен удел кон јужнословенската етимологија со развиена лексикографска традиција, но и голем придонес кон балканската лингвистика. Со тоа, речникот се вградува во темелите на македонското културно и научно наследство и претставува дело со трајна вредност.

„Да влеземе во кругот на словенските јазици што имаат свој етимолошки речник. Денес е тој ден. Од денес натаму и македонскиот јазик има свој етимолошки речник и го фативме чекорот со другите словенски народи и јазици.“– вели директорката на институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска.
Етимолошкиот речник придонесува да се зајакне научната и културната свест и претставува промоција на македонскиот јазик како самостоен словенски јазик со сопствена историска и етимолошка традиција. Проектот е финансиран и подржан од министерството за образование и наука. Институтот за македонски јазик и понатаму продолжува да работи на македонската историја. Лани тие го објавија Македонскиот дијалектен атлас кој ја доби државната награда за наука за 2025 година.
