Во присуство на голем број љубители на убаво напишаниот збор и други гости, во Ростуше одржана е промоција на првата стихозбирка на младата поетеса Ениса Мирто, од село Скудриње која живее во Тревизо, Италија.

На промоцијата присуствуваа и градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски и пратеникот Мевмед Џафери, изразувајќи ја силната и континуирана поддршка што Општина Маврово и Ростуше ја дава за младите автори, уметници и зачувувањето на културниот идентитет на нашиот регион.
– Нашата млада поетеса Ениса Мирто со својот труд и талент покажува дека нашиот крај изобилува со вистински уметнички бисери. Како локална власт секогаш ќе бидеме тука да ги поддржи младите креативци и нивните чекори кон успехот Младите луѓе и нивниот творечки потенцијал се гордост на нашата општина, рече меѓу другото во обраќањето градоначалникот Јакупоски.

Упати искрени честитки до авторката за нејзиниот првенец, со желби за уште многу успешни изданија и инспирација во иднина.
Примерок со потпис на поетесата доби и Сафет Алили, познат филантроп кој живее во Луксембург и редовно донира потребна опрема, помагала и медицински материјал за здравствените установи во државава.


-Ми претставуваше голема чест и задоволство да присуствувам на промоцијата на првата поетска збирка „Далечни вистини“ од нашата Ениса Мирто. Искрени честитки за ова прекрасно дело и многу успех во понатамошното творештво. Благодарам и за подарениот примерок, рече Алили.
Книгата беше објавена на почетокот на месецов од „Македоника литера“.

Лирско творештво на поетесата е одраз на нејзиниот животен пат кој е спој на традицијата и современото, на роднокрајните корени и традиции и влијанијата на историските и цивилизациските белези на средината во која живее.
-Растејќи во прекрасните рекански рустикални предели, уште од најрана возраст ги впивав вредностите на семејството, трудољубивоста и почитта кон културното наследство. Преку моите стихови ги поврзувам своите балкански корени со италијанскиот културен простор, создавајќи лирски мостови меѓу минатото, сегашноста и вечноста, рече Ениса Мирто.
Нејзината поезија е длабоко интимна, духовна и метафизичка, свртена кон преиспитување на човековото постоење, тишината, медитацијата и моќта на зборот, поставувајќи си го, уште од детството, основното егзистенцијално прашање: кои сме, каде сме, зошто сме тука, која ни е целта и од каде извираат човековата болка и страдање.

Поезијата на Ениса Мирто е исповедна и интимистичка, со длабок исповеден тон, со лирска и мисловна длабочина, наместа меланхолична и силно емотивна. Засегнува основни суштински аспекти од сопственото опкружување и во песните провејува почитта кон човековите вредности и доблести. Со еден збор, тоа е поезија со длабок и силен лирски сензибилитет.

