Советот на Општина Делчево денеска го потврди предлогот на Комисијата за доделување општински награди и признанија и донесе Одлука, Општинската награда „7 Септември“ за 2026 година да се додели на проф. д-р Трајан Гоцевски за посебен придонес во научната дејност, придонес во развојот на високото образование, безбедносниот систем и македонската државност, како и афирмација на Општина Делчево во Република Северна Македонија и во светот. Општинската награда „7 Септември“ за физичкото лице се состои од парична награда во износ од 20.000,оо денари и плакета.
Гоцевски е роден во с. Селник, Општина Делчево, а живее во Скопје. Тој е редовен професор на Филозофскиот факултет при УКИМ, носител на бројни државни и универзитетски функции, но и позиции поврзани со Делчево.
Гоцевски бил долгогодишен декан на Филозофскиот факултет и член на Ректорската управа на УКИМ, министер за одбрана во првата Влада на Република Македонија, член на Советот за безбедност, раководител на неколку научно-истражувачки проекти од национален интерес и сл. Целиот свој живот го посветил на развојот на образованието, науката, културата, но и конституирањето на Република Македонија, како независна држава, како и на развојот на македонското општество.

Автор е на 90 книги и на над 285 стручни и научни трудови, монографии и статии објавени во македонски и многубројни странски списанијаИницијативата за добивање на наградата е поднесена по повод 76- годишнината од неговото раѓање и 50-годишнината од неговата општествена, државна, наставно-научна и публицистичка дејност, која остави неизбришливи траги во поновата македонска историја, но и во развојот на Делчево.
Плакетата и наградата ќе бидат доделени на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Делчево, 7 Септември 2026 година. Истиот ден ќе се одржи и промоција на неговата автобиографска едиција „Белешки и анализи“ – прв том „Од Селник до Универзитетот во Скопје“.

