Македонија да стане енергетска крстосница на Балканот, стратешкото партнерство со САД да се продлабочува, да продолжи да се зголемува буџетот за одбраната, но и повеќе инвестиции во автопати и железници. Премиерот Мицкоски пред Атлантскиот совет ја претстави развојната стратегија на Владата која се темели на три меѓусебно поврзани столба – сообраќајна инфраструктура, енергетска инфраструктура, како и вештачка интелигенција и висока технологија. Тој истакна дека по склучувањето на стратешкото партнерство со САД, Македонија се наоѓа во подобра економска и политичка положба. Рече дека сега земјава стои рамо до рамо со најголемата светска економија. Мицкоски потенцираше дека Владата е посветена на проектот за изградба на примарен дата центар, кој според плановите, првично ќе ги приклучи државните институции, кои инаку се предмет на сајбер напади.
„На тој начин ќе имаме една централна точка од која ќе можеме да се справуваме со потенцијалните сајбер-напади и да го заштитиме целиот систем. Цврсто верувам дека на почетокот на следната година ќе започнеме со развој на овој проект. Овој примарен дата-центар ќе биде поврзан со постојниот секундарен, односно резервен дата-центар, а сè ќе биде дополнително поврзано и со одредено клауд-решение, како трет степен на заштита. Имаме план за нова архитектура и позитивни сме дека ќе го следиме тој план. Убеден сум дека на тој начин ќе бидеме многу поотпорни и посигурни отколку во минатото“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Мицкоски потенцираше дека голем удел во изградбата на дата центар има гасното поврзување со Грција и Србија. Тој нагласи дека планот е преку гасен интерконектор, американскиот гас од Александрополис да стигне до Централна Европа, истовремено да се изградат гасни централи кои ќе произведуваат струја, која , меѓу другото , ќе биде потребна за работа на податочните центри.
„Проектот за кој зборувавте е еден гасовод кој практично го поврзува ЛНГ-терминалот во Грција, во Александруполи, со мојата земја. Според планот што го предвидовме во минатото, тој интерконектор треба да биде завршен во првата половина од следната година. Во меѓувреме, тој гасовод нема голема вредност ако не продолжиме кон север. Тоа е нешто што има смисла. Сè друго практично би значело фрлање пари без вистинска цел. Ние не сме голем потрошувач, но нашата амбиција е да бидеме транзитна земја. Годишната потрошувачка на гас во мојата земја е приближно 0,5 милијарди кубни метри, што не е некоја значајна количина и не е голема потрошувачка. Капацитетот на гасоводот што моментално го градиме е приближно шест пати поголем“ – рече Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Пред овој самит,премиерот Мицкоски со владината делегација оствари средби со влијателните конгресмени Клаудиа Тени и Кит Селф. Се разговарало за традиционално силните и пријателски односи меѓу двете држави, стратешкото партнерство, парламентарната соработка и размената на искуства.
Мицкоски се сретна и со Каролин Вик, претставничка на ДФЦ – финансиска институција којашто финансира проекти ширум светот, најчесто високоразвиени технолошки проекти. Премиерот во Њујорк ќе учествува на овогодишното Генерално собрание на ОН.

