Делегација на Собранието, во состав на пратениците Петар Ристески и Фатмир Битиќи, учествуваше во работата на седниците на Постојаниот комитет и на Генералната комисија за економија, инфраструктута и енергетика на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), што се одржа вчера во Софија, Бугарија. Седниците се одржуваат во рамките на бугарското претседателство со ПСЈИЕ 2025 – 2026 – соопшти денеска собраниската прес-служба.
Со двете седници претседаваше Илијана Зекова, пратеничка од парламентот на Бугарија, а пред пратениците се обрати Ивајло Јорданов од Минстерството за надворешни работи на Бугарија, кој ги презентира приоритетите на бугарското претседавање со ПСЈИЕ.
Темата на Постојаниот комитет беше „Зајакнување на улогата на Бирото/Тројката“, со цел да обезбеди континуитет на работата на претседавањата и мониторинг на имплементацијата на одлуките на ПС на ПСЈИЕ.

– Пратеникот Петар Ристески во својата дискусија укажа дека дијалогот и соработката не се само потребни, туку се неопходни за стабилноста и развојот на регионот и заедничка европска иднина. ПС на ПСЈИЕ има единствена улога во овој поглед бидејќи го носи гласот на сите граѓани директно во рамката на регионалната соработка. Затоа е потребно да се зајакнува начинот на кој пратениците од разни национални парламенти работат заедно. Тој даде целосна поддршка за зајакнување на улогата на Бирото/Тројката како механизами за обезбедување континуитет во работата на претседателствата и за подобро следење на одлуките што се донесуваат. Токму затоа, Бирото, составено од претходните, сегашните и идните претседателства, мора да игра поизразена и поактивна улога со цел да се обезбеди поголем континуитет, да се зачува институционалната меморија и да се обезбеди стабилна стратешка насока на Парламентарно собрание – се наведува во соопштението од Собранието.

Во работата на Генералната комисија за економија, инфраструктута и енергетика учестуваше пратеникот Фатмир Битиќи. Темата на седницата беше „Регионалната димензија на политиката за стартапи, истражување и развој и иновации во Југоисточна Европа“.
Како што се соопштува, пратеникот Фатмир Битиќи во својата дискусија истакна дека иновациите и претприемаштвото повеќе не се опционални компоненти на економската политика, туку суштински двигатели на одржливиот раст, конкурентност и отпорност во земјите.
– Во глобалната економија, која бргу се менува, регионот мора да се движи подалеку од традиционалните модели и да прифати пат на развој базиран на знаење и воден од иновации. Тој укажа дека во земјата се прават важни чекори во поддршката на екосистемот на стартапи, промовирањето на дигиталната трансформација и поттикнување на истражувањето и развојот. Сепак, националните напори на земјите сами по себе не се доволни, предизвиците, како што се ограничените пазари, одливот на мозоци, пристап до финансии и фрагментација, кои се заеднички за цела Југоисточна Европа, бараат силен регионален пристап – рекол Битиќи.
Тој укажал дека регионалната димензија на политиките за стартапите и иновациите може да создаде можности што ниедна земја не може да ги постигне сама и потребно е поврзување на регионалниот пазар, усогласување на регулаторните рамки и олеснување на прекуграничната соработка, со цел да се изгради попривлечна средина за претприемачите, инвеститорите и истражувачите. Тоа би овозможило стартапите од регионот полесно да се прошират и да се натпреваруваат на поширока европска и глобална сцена.
Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора, своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската Унија.
